Комплекси

Комплекси
Александар Николоски

„Се работи за нација со комплекс, која мора да си бара корења назад 2000 години. Ако го нема Александар Македонски, ние не знаеме кои сме, престанете, срам ми е да ве слушам...“ - овие зборови одекнаа силно минатата недела. И не, не беа тоа зборови на грчки министер за надворешни работи, туку на нашиот македонски министер за надворешни работи. Досега никој толку не го навредил македонскиот народ. Никој! Откако спорот за името официјално трае, не се случило ни еден грчки министер или премиер да каже дека Македонците се нација со комплекс! Но тоа го направи министерот за надворешни на Македонија, кој во суштина треба да ги брани националните интереси токму на тој македонски народ. Не сум слушнал досега за министер за надворешни или премиер или претседател на која било европска држава кој за својот народ, за својата нација, која ја претставува, кажал дека е со комплекс. Можеби основната причина за тоа е што сите тие се избирани на избори од народот кој им ја дава довербата да го претставуваат, за разлика од министерот Никола Димитров, кој беше октроиран или, ако милувате насаден, во министерската фотелја без да учествува на избори и да ја добие довербата на граѓаните.

Никола Димитров вели дека Македонците се нација со комплекс и со тоа несвесно кажува што мисли за Македонците и колку ги презира, колку во суштина ја презира и работата што ја работи. Тој очигледно не ја доживува како чест работата која ја работи дадена од народот да го претставува и води, туку само како добро пополнета биографија, само скалило кон некоја подобра меѓународна позиција на која би земал поголема плата. Тоа е така затоа што никогаш не бил избран за ништо, никогаш не учествувал на ниедни избори. Сè добивал на тацна. Кога би учествувал на избори, би ја носел топлината на секоја подадена рака која силно ја стиска вашата и во вас гледа некој кој може да му помогне на народот, кога би учествувал на избори би го носел со себе секој зрак на секој поглед кога одите да се сретнете со оние кои ве избираат, во тие погледи директно во вашите очи ја има целата филозофија на овој свет, има доверба, очекување, надеж... Затоа, кога Димитров би бил избран на избори, не би кажал дека тие што го избираат се со комплекс.

Оваа епизода со понижувањето од Димитров ме наведува повторно да го ставам во размислување, а можеби и да се предложи мала измена на политичкиот систем и изборниот модел во Македонија кој би значел дека не може да бидете избран за министер или премиер ако претходно не сте избран за пратеник. Затоа што пратениците се избираат директно и ним народот директно им ја дава својата доверба. Логиката е едноставна - дека министри и премиер можат да бидат само луѓе што ја добиле довербата на народот на непосредни избори. Варијации на овој модел има во Велика Британија, Германија, Хрватска... После ова, со Димитров треба сериозно да се размисли за вакви навреди да не се повторуваат.

Во мојата колумна на истите овие странци од 13 септември оваа година наловена „Како стигнавме до овде?“, анализирајќи ги причините поради кои Македонија дојде во ситуација да има најлош предлог во спорот со Грција и целосно да се прекрсти, напишав дека еден од двата неспорни работи е фактот што Заев изгуби на избори, а Димитров беше наметнат за министер за надворешни и не ни учествуваше на избори. Додадов и дека целосно сервилната позиција кон Грција и напуштањето на рамката на Обединетите нации беа фатални за македонските позиции. Очекував дека резултатот од референдумот ќе ги вразуми овие двајца како носители на процесот, но, за жал, неуспехот и поразот кој го понесоа на референдумот ги направи уште поарогантни и потврдоглави, за да завршат со навреда кон својот народ.

Што да очекуваме од министер за надворешни кој смета дека народот му е со комплекс? Дали таков министер ќе се бори за зачувување на нашето гледање на историјата, наша интерпретација на културата и науката во комисијата која треба да одлучува за ова, а која е еден од најлошите делови на т.н. Преспански договор. За жал, одговорот е јасен.

Најмалку што може да направи Димитров по ваквиот срамен чин е да се извини и да си даде оставка. Дали ќе има доблест за тоа? Секако, не.

Ако навредата кон својот народ и критиката на ВМРО-ДПМНЕ не го натераат да размисли за тоа, тогаш можеби треба да го натераат размислувањата на неговите колеги министри за надворешни како и другите врвни политичари од ЕУ и НАТО со кои се среќава, а на кои се обидува да им се допадне на сметка на интересите на својот народ. Во неговиот светоглед тие се битни зашто по завршувањето на работата во Македонија и прекрстувањето на државата планира таму да оди за подобра плата и привилегии. Она што нему не му го кажуваат овие луѓе ќе му го кажам јас овде - пред него се смешкаат и го охрабруваат, зад него му се смеат и го презираат, затоа што немаат почит за човек кој не го почитува својот народ, а со тоа не се почитува и себе. Немаат почит за човек кој се согласува да се прекрсти себеси и државата која ја претставува, колку и тоа да им е политички опортуно во моментов и да го охрабруваат да го направи, во себе имаат само презир кон него, зашто никој од нив по ниедна цена не би ја прекрстил својата држава и својот народ, никогаш! Нему нема ова да му го кажат, но меѓу себе го зборуваат и мислат и затоа никогаш нема да го видат еднаков на себе.

Да беше само за Никола Димитров, и немаше многу да се загрижам, но грижата ми е за Македонија и народот што живее овде, зашто тој е политичкиот претставник и лицето на тој народ. Многу сигурно не за долго!

 

Споделување со вашите пријатели: