На СЈО му се лизга авторитетот

На СЈО му се лизга авторитетот
Симболот околу кој се обедини демократската јавност, која издејствува промена на режимот на ВМРО-ДПМНЕ, се соочува со намалување на довербата кај граѓаните. Резултатите од последната анкета на Телма и МЦМС покажуваат дека иконата на правдата го губи сјајот - мнозинство од 53,5 отсто од граѓаните немаат доверба во Специјалното јавно обвинителство, а му веруваат 41 отсто од анкетираните. Тоа е голем пресврт споредено со сите претходни истражувања во кои СЈО беше прв пик на скалата на доверба. Гледано според партиска припадност – разликите се очигледни, големо мнозинство од приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ 83,8 отсто немаат доверба наспроти 74,5 отсто од СДСМ кои имаат доверба.

На што се должи промената во расположението кај граѓаните кои се колнеа во СЈО? Дел од познавачите посочуваат дека топењето на довербата во добар дел се должи на последните политички случувања, особено бегството на експремиерот Никола Груевски, кој е четврти бегалец во случаите што ги води СЈО, по Горан Грујевски, Никола Бошковски и Сеад Кочан, кој после се врати во земјата.

Во таа насока не може да се изостави, според нив, и притворањата што уследија веднаш по бегството на неговиот братучед Сашо Мијалков и некогашните први соработници Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, кои, како што велат, создале перцепција во јавноста дека станува збор за некаков условен рефлекс, за изнасилена реакција за да се покрие дебаклот со Груевски, за што оправдано или не како виновник беше посочувано и СЈО.

Од СЈО очигледно не успеаја да дадат доволно силни аргументи дека се чисти како солза во случајот за најпознатиот политички азилант во Европа, иако во неколку наврати се правдаа дека немаат никаква вина во врска со бегството кое се случи на 11 ноември - токму во периодот кога е спроведена анкетата. Оттаму рекоа дека тие постојано укажувале и поднесувале барање за притвор за осомничениот Груевски, но и останатите осомничени во случајот „Титаник“, кои се соочуваат со затворски казни од најмалку три, четири или пет години, поради што опасноста од бегство е сериозна, а судот е тој кој на крајот одлучувал.

„Уште при првото поднесено барање за спроведување истрага беа предложени мерки за притвор и истите беа одбиени. Кога го поднесовме обвинителниот акт, поднесовме барање за определување мерка притвор и тогаш Кривичниот совет го одби таквото барање со наводи дека иако постои опасност од бегство тоа може да го обезбедат со одземање на патната исправа и јавување на обвинетите еднаш неделно“, изјави специјалната обвинителка Лиле Стефанова по едно од рочиштата за „Титаник“. Во меѓувреме, Груевски побара јавувањето во Судот еднаш неделно да му биде заменето со јавување еднаш месечно по што СЈО даде мислење дека треба да биде одбиено како неосновано, меѓутоа Судскиот совет го прифати неговото барање. „Сите овие услови беа предиспозиција да се случи ова бегство“, рече Стефанова.

Професорката Мирјана Најчевска наведува уште неколку елементи кои во симбиоза придонеле да се намалува неприкосновениот институционален авторитет кој СЈО го уживаше во јавноста.

„На почетокот тимот беше силно ангажиран во делот на односите со јавноста. Прес-конференции, изјави, соопштување детали од истрагите со одредена доза на драматика. Сè беше правено како еден вид претстава. Тоа сигурно во одреден дел влијаеше на почетниот позитивен однос кон оваа важна институција, која малку се оддалечи од јавноста“, вели Најчевска.

Според неа, добар дел од граѓаните СЈО го поврзуваат со актуелната власт.

„Секое зголемување на недовербата кон власта поради нејзините лоши потези и политики неминовно се рефлектира и на СЈО, без оглед што тоа не е по негова вина. СЈО практично беше елементот околу кој се обедини ‘Шарената револуција’, како револуционерно или полуреволуционерно движење. Сега таа институција е инсталирана во правниот систем, па не е толку атрактивна за луѓето кои и натаму не му веруваат на судскиот систем. Конечно, негативно влијае по неговиот имиџ и долготрајноста на процесите што ги води, што секако не зависи само од СЈО. Но граѓаните очекуваат побрзи завршници на судските спорови и секако праведни казни“, вели Најчевска.

Неизбежно е, велат познавачите, да се спомене и политичкото влијание, за што најчесто обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Специјалното јавно обвинителство, кое беше формирано за да го истражи масовното прислушување, е дел од реформите во судството. Последните информации говорат дека не е исклучено тоа да остане без својата основна надлежност поради која се создаде. Работните групи подготвуваат две опции за да се реши понатамошното функционирање на СЈО за што е потребно двотретинско мнозинство кое власта го нема. Тоа значи дека за да се реши статусот на СЈО, поддршка треба да дадат и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, чии поранешни високи функционери, но и дел од сегашните, се обвинети во случаите кои произлегоа од масовното прислушување.

„Нашата најпожелна варијанта е да воспоставиме траен орган кој ќе си ја продолжи првин надлежноста што ја има сега, но со додавање на дополнителната надлежност, гонење висока корупција. Секако, тоа ќе биде предмет на консултации. Другата варијанта е, ако нема простор и политичко расположение за продолжување на моменталната активност на СЈО, во тој случај, да се земе другата надлежност, гонење на корупцијата“, изјави неодамна министерката за правда Рената Треневска-Дескоска.

Пред две недели на ЕНЕР осамна најава за нов предлог-закон за Специјалното јавно обвинителство. Овој предлог е во подготовка и од Министерството за правда не откриваат што содржи овој закон и дали со него ќе се реши автономијата и надлежноста на СЈО. (Н.К.)

Споделување со вашите пријатели: