Седумдесет лица биле паралелна власт во тајната полиција

Седумдесет лица биле паралелна власт во тајната полиција
Јавното обвинителство ги следи исказите на рочиштата за упадот во Собранието, каде што деновиве се слушаат сведочења што фрлаат поинаква сенка на случувањата од ланскиот 27 април. Оттаму повторуваат дека во тек е предистражна постапка и во неа се утврдува дали има инволвираност на лица што засега не се опфатени со обвиненија.

„Ги анализираме сите моменти и случувања, но за детали не можеме да зборуваме додека не ја комплетираме истрагата“, ни рекоа од Обвинителството.

Драматичните сведочења дека зад крвавите инцидент при прогласувањето на Талат Џафери за претседател на Собранието, стои директно Управата за безбедност и контраразузнавање, каде што била формирана паралелна власт, создава сомневање во целиот систем на Министерството за внатрешни работи, чија основна цел е да се грижи за безбедноста на граѓаните. Уште повеќе, исказите, доколку се точни, за плански напад врз имот на тогашните опозиционери, донесување цел арсенал оружје пред законодавниот дом и шпекулациите за прогласување воена состојба зборуваат дека државата лесно можела да изгори во пеколните планови.

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, надоврзувајќи се и на случаите со прислушување, констатира оти станува збор за киднапирање на цел систем, кое почнало од 2008 година.

„Зборуваме за незаконска постапка, која имала за цел преземање на целата моќ во МВР за строго партиски цели. Според проценките, околу 70 луѓе од најголема доверба на поранешниот премиер Никола Груевски го узурпирале државниот апарат и ги вршеле валканите работи што партијата ги барала од нив. Внимавајте, дел од нив и натаму се вработени во УБК, а претходно селектирале кои броеви да бидат следени, го обработувале материјалот, а информациите му ги доставувале на Груевски. Управата за безбедност и контраразузнавање била целосно ставена во функција на партијата“, објаснува Трајанов.

Наредби од директорот на УБК

Еден од обвинетите за настаните од 27 април, Захарие Симовски, кој му бил телохранител на Александар Василевски-Нинџа, рече дека наредбите ги добивал директно од својот шеф, како и од поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски и од Никола Бошковски, кој сега е избеган во Грција. Според Симовски, Василевски го известил оти имаат „одврзани раце“ и ќе бидат заштитени од државата. Тој рече дека во 2016 година, на протестите пред ДИК кога чекале наредба да прават нереди и да фрлаат со „молотови коктели“, биле известени од Нинџа дека Атанасовски дал наредба да се запалат домовите на Радмила Шекеринска и Петре Шилегов, како и автомобилот на Љубомир Фрчкоски. Но Симовски не нашол никого дома, па до инциденти не дошло.

Претходно, браќата Стефан и Михаил Младеновски и Михаил открија дека постоела нелегална, паралелна Петта управа, со која раководел Атанасовски. Нинџа, според сведочењето, иако не бил вработен во УБК, сепак дејствувал како тамошен вработен, а располагал и со ресурси од управата.

„Нинџа имаше џип со петти степен на блиндираност и автомобил со седми степен на блиндираност, и двата од УБК. Исто така, поседуваше и значка од УБК, но и радиостаница која го покриваше реонот на СВР-Скопје. Таа беше нагодена да се слушаат разговорите, но не и да се враќа. Тие имаа пиштоли кои им ги дала УБК“, шокантно сведочеше Михаил Младеновски.

По упадот во Собранието, кај паркот „Жена борец“, пристигнал Бошкоски со службено возило на УБК во кое имало оружје. Не било употребено затоа што стигнала информација од Синиша Алексовски, советник на претседателот Ѓорге Иванов, дека ќе биде прогласена воена состојба.

Иванов завчера го демантираше исказот, а истото вчера го направи и Алексовски. Во писмена изјава до медиумите, тој вели дека минатата година испратил извештај до Обвинителството околу неговите активности на 27 април.

„Единствено што не е испратено е позитивното полиграфско тестирање за отфрлање на шпекулациите, обвинувањата и потврда на автентичноста на моите изјави во извештаите. Внимателно ги прочитав исказите на обвинетите Младеновски и ги охрабрувам да кажат сè, но не и да лажат. Запознаен сум дека, правно, обвинетите имаат право да дадат лажен исказ во своја одбрана“, вели Алексовски во својата изјава.

Очаен обид и намера

Во својата изјава Алексовски уште наведува: „Изјавите на обвинетите дека биле изманипулирани и слепо верувале на измамници не можат да се поткрепат со конструкции на лаги, непостоечки комуникации и 'рече ти реков' муабети. Кој што им ветувал, кој ги лажел, како ги манипулирал, на кои имиња се повикувале за лагата да им биде поуверлива, нема да им ја намали одговорноста. Ова е уште еден очаен обид и намера да нè инволвираат во измислената во нивни глави, воена или вонредна состојба. Доколку знаеле кои се условите и административната процедура за прогласување воена состојба, не би биле предмет на манипулација“.

Ексминистерот Трајанов уште посочува дека биле целосно руинирани сите три клучни институции задолжени за безбедноста на граѓаните: УБК, Бирото за јавна безбедност (БЈБ) и Агенцијата за разузнавање (АР).

„Првите две беа под директно влијание на Груевски, иако хиерархиски требало да им одговараат на техничкиот министер за внатрешни и техничкиот премиер. Агенцијата за разузнавање е под капа на Иванов и токму затоа тајната полиција сега, по промената на власта, мора да ги истражи индициите и доказите за да дојдеме до вистината без оглед дали тоа Обвинителството ќе го побара од нив. Убеден сум дека активности што доаѓале од институциите не можеле да случуваат без наредба од ‘горе’“. Тоа треба да биде прв чекор во враќањето на довербата во системот“, заклучува Трајанов.

Василевски е во притвор, Бошкоски побегна во Грција, а Атанасовски синоќа беше уапсен. Братот на Нинџа, Благоја Василевски, беше телохранител на поранешниот премиер Никола Груевски и беше заедно со него во Виена кога се случи крвавиот четврток. Според обвинението, Благоја му се јавил на својот брат од Виена по што се организирала мрежата од насилници за упадот во Собрание.

Горан Адамовски

 

Споделување со вашите пријатели: