Економијата во 2019

Економијата во 2019
Никола Поповски

 

 

Владата во основа веќе ја креираше својата економска политика за последната цела година од нејзиното владеење, а тоа е 2019 година. Веќе наредната 2020, некаде во доцна есен, доколку се одржат во редовен термин, треба да имаме парламентарни избори, но заради процедурите на изборниот процес, владата ќе има можност да ја креира и да ја остварува својата економска политика само до летото во таа година. Тоа во основа и не е некој доволен простор. Оттука, наредната 2019 година е онаа клучна во која Владата ќе треба да ја покаже својата целосна визија за економската, па и за развојната политика. Но не само да ја соопшти како концепт, туку и да покаже способност да ја спроведе онаква каква што ја зацртала.

Контурите на нејзината економска политика, можеби, сè уште се недоволно јасни и прецизни, но веќе се доволно препознатливи и тие во основа се оцртаа во предложениот буџет за наредната година. Во неколку редови тие можат да се профилираат како што следува. Прво, владата, како и сите влади пред неа, ќе продолжи и понатаму да ја одржува макроекономската стабилност на земјава и во соработка со централната банка да одржува ниско ниво на инфлација од околу два отсто во услови на фиксен и непроменлив курс на денарот во однос на еврото. Тоа сите во земјава го сфаќаат како веќе зададена детерминанта уште од далечната 1994 година, но не е лошо да се знае дека така и ќе остане.

Второ, фокусот на економската политика полека почнува да се преместува од економски раст по секоја цена кон обезбедување на раст во услови на порамноправна дистрибуција на доходот во економијата со мерки за натамошно релативно и апсолутно намалување на сиромаштијата со изразен фокус кон обезбедување и финансирање на инструментите за обезбедување на социјалните фондови (особено пензискиот и здравствениот фонд за чија поддршка само со зголемувањето на придонесите во 2019 година во нивните буџети ќе се обезбедат околу 1,1 милијарда денари) и класичната буџетска социјална заштита на различни социјални и други групи на граѓани или заедници. Последниве во 2019 година, на пример, се зголемени на 12,9 милијарди денари и тоа во однос на 2017 година е раст од релативно високи 3,3 милијарди денари. Трошоците за здравствена заштита во истиот период се зголемуваат, исто така, за високи 3,2 милијарди денари. Во оваа група мерки на економската политика треба да се вбројат и оние за зголемената минимална плата во 2018 година и растот на платите во јавниот сектор за пет отсто во 2019 година заради што трошоците за плати во буџетот за наредната година се проектирани со раст од 1,6 милијарда, односно вкупно 28,4 милијарди. Со оглед дека зголемувањето на платите на јавниот сектор се планира да започне во последниот квартал од 2019 година, односно почнувајќи со исплатата на септемвриската плата во 2019 година, јасно е дека ефектите врз буџетот дури во 2020 година ќе бидат на 12-месечно ниво и со тоа трошоците за плати во таа година ќе бидат уште поголеми, односно во цел свој износ. Во оваа насока на порамноправна дистрибуција на доходот во економијата се обезбедени и други соодветни мерки како на пример враќање на прогресивното оданочување на персоналните доходи и слично.

Трето, ориентацијата кон директната државна, односно непазарна поддршка на економските активности на голем број економски субјекти и цели дејности од економијата останува на сила. Владата очекува растот на економијата во основа да се обезбедува од таквите мерки. Освен задржаната и зголемена обилна поддршка на земјоделството во целина која во 2019 година достигнува рекордни 11,1 милијарди денари (околу 180 милиони евра), односно над 1,6 отсто од БДП, тука ќе се вбројат и големите јавни инвестиции во инфраструктурата што продолжуваат или започнуваат, а директно ќе го ангажираат градежништвото во земјава и секако новодонесените законски решенија со кои со директна државна помош ќе се поддржуваат растот на вработеноста, извозот и производството во разни дејности и компании, особено оние од индустриската дејност. На ова треба да се додадат и во јавноста прилично контроверзните мерки за поддршка на иновациите во економијата, па понатаму активните политики и мерки за вработување што се планирани на ниво од 1,1 милијарда денари, а што се насочени кон програми, мерки и услуги за вработување и поддршка во создавањето на нови работни места и вработувањето на млади лица.

Четврто, недоволно забележливо, но видливо дефокусирање од економскиот раст ја доведе Владата во состојба по две многу лоши години во однос на стапката на раст (0,2 отсто во 2017 и веројатно околу 2 отсто во 2018 година) да биде принудена и во 2019 година да проектира релативно скромна стапка на реален раст на економијата од 3,2 отсто во услови на зајакнати интервенционистички мерки на државата. Тоа остварување, за жал, ќе мора да се смета за извесно потфрлање. Дури и очекувањата за поголема вработеност и натамошно намалување на невработеноста, што би била резултанта на економскиот раст, како да се потиснати од фокусот кон подигнувањето на минималните и просечните плати на веќе вработените и во јавниот и во приватниот сектор. Со оглед дека политичките и економските состојби во земјава несомнено и понатаму ќе генерираат несмалено темпо на одлив на работната сила во странство, можеби владата се надева дека тие процеси ќе ги отапат остриците на вечниот проблем со високата невработеност, особено кај младите и ќе го релативизираат проблемот. Кој би знаел?

Петто, реформите кај приходната страна на буџетот, особено структурата на даночните приходи одат во добар правец. Показател за тоа, на пример, е фактот дека учеството на приходите од ДДВ во вкупните даночни приходи се намалува (од 45,7 отсто во 2017, 43,1 отсто во 2018 на 42,8 отсто во 2019 година). Тоа треба да продолжи и да се поддржи. Но политиката на натамошен раст на јавниот долг несомнено треба веднаш да се преформулира. Нивото од 50 отсто од БДП не треба да се надмине.

Шесто, институционалната поддршка на економијата се чини дека нема да се зголеми. Некои поголеми и значајни реформи на важните институции не се видливи на хоризонтот, а многу важни институции за регулирање на економскиот живот во одделни негови сегменти и понатаму се длабоко запоседнати од незаинтересирани за успех лица од претходниот режим кој се чини дека и покрај многуте процеси и понатаму жилаво се држи „на власт“. Веројатно на чело на неефикасните и зрели за сериозна реформа институции стои Собранието на Македонија. Преголем број пратеници со релативно слаб капацитет и со премногу можности за секојдневни опструкции придружено со неефикасност во работата не го прави Собранието ефикасна и достојна институција. Некои министерства и нивните органи се исто така многу под нивото на нивната потребна подготвеност да функционираат во посакуваната насока. Едно актуелно бегство од државава ги покажа многуте сериозни слабости на низа министерства и други институции. Понатаму, како што неодамна и јавно беше кажано од стручни кругови – во земјава дури и се формираа и имаме премногу институции што имаат нејасен мандат и се со нејасни надлежности што се испреплетуваат со надлежностите на други такви институции. Пример за ова е популарно наречената Антикорупциска комисија и многуте други такви комисии, институции и тела. Судските органи во најширока смисла се секако голем институционален проблем нотиран од многумина внатре и надвор од државата.

Конечно не се неважни ни концепциските разногласија за многу мерки на економската политика во рамките на Владата. За да може непречено да се остварува раководењето на процесот, потребно е да постои голем степен на усогласеност на креаторите на политиката а тоа, се чини, сега не постои.

 

(Колумната е дел од проектот на АГТИС, со наслов „Детски болести на демократијата“, финансиски поддржан од НЕД)

Споделување со вашите пријатели: