Ветингот како правец на реформите

Ветингот како правец на реформите
Ветингот е нов, би рекла, „трендовски“ термин во речникот на нашите реформатори. За волја на вистината, полесно е да се објасни значењето на ветингот отколку улогата и значењето на поимот „реформатор“ во Македонија. Така, постојат реформатори на/во политички партии, или за реформатори често се сметаат аналитичари, кои на властите им укажуваат како се спроведуваат реформи, меѓународни организации кои поддржуваат реформи,  стотици илјади граѓани кои се подготвени да излезат (и излегоа) на улица, на гласање заради реформи... Во Македонија сè е реформско, освен носителите на власт откако ќе дојдат на власт.

Околу ветингот: во некакво преносно или дескриптивно значење, ветингот означува проверка. Во контекст на реформите, ветинг на судии, на полициски службеници, на административци итн., би означувал процес на проверка на капацитетите, на перформансите, на способностите  на овие категории државни функционери и службеници.

Ветинг на судии (или со класичен политички речник: реизбор на судии) во државава беше ветен во предизборието, но овој процес не се случи по смената на власта, првенствено поради фактот што предизборното ветување не беше поддржано од меѓународната заедница. Не сум сигурна колку беше оваа идеја поддржана и од домашната стручна јавност. Компаративните искуства, особено она во соседна Албанија, се прилично негативни и ефектот од таквиот ветинг не ги дава посакуваните резултати. Сепак сè зависи од искреноста на политичката волја и умешноста. Што се однесува до политичките елити, може да се претпостави дека не биле сосема подготвени, волни и кадарни да спроведат длабоки реформи кои би значеле ветинг на судии.

Зошто го зборувам ова? Зашто тоа бара голема одважност, многу умешност, стручност и нула суета. Со други зборови, ветинг на судии бара храброст да им се каже на шестотини и кусур луѓе дека нивното знаење (кое, во голема мера, го надминува знаењето на политичар не-судија) и капацитети ќе бидат преоценети; бара умешност да се организира системот на преиспитување на знаењата и способностите на судиите така што ќе биде објективен, а за да биде таков политичарот, треба да го организира процесот, а самиот да стои надвор од него, што е многу тешко; на крајот, суетата треба да се затвори во сопствениот дом и да им се даде работата да ја спроведат тимови од луѓе кои не треба да се сервилни и нерешителни, туку стручни и работливи.

Хм, некако тешко се пронаоѓаат ваков вид политичари во Македонија, затоа и крупни реформи кои бараат длабоки резови нема. Ниту пак имало.

Кога сме кај судството, ако веќе ветингот на судии е неспроведлив, еве да речеме недозволен од меѓународната заедница, која секој чекор будно ни го следи и преиспитува, тогаш треба да се премине кон други мерки, од помал домен, но еднакво значајни за подобрување на судскиот систем. Имаме ли многу судови, дел од нив со само еден судија и месечен прилив на предмети што може на прсти да се изброи? Рационализирајте ја судската мрежа. Ваквите судови ќе станат делови (судски одделенија) на поголемиот територијално најблизок суд! Дали е ова пријатно и болно за политичарот што треба да го спроведе и за претседателот на судот кој веќе нема да биде претседател, туку „само“ судија? Да! И треба да биде. Политичката функција претпоставува одговорност. Огромна одговорност. Првенствено одговорност, па дури после задоволство и бенефиции. Дали мерката за сите граѓани носи бенефит, бидејќи ќе се намалат буџетските трошоци? Да, и само тоа треба да нè интересира.

Во 2010 година, од нигде - никаде, без еден збор анализа, без аргументација, изникна нов суд во Македонија – Виш управен суд. Колку тоа гордо звучи. Имињата на судиите и зделките што низ „бомбите“ ги чувме не звучеа толку гордо колку називот на судот, но ова се мои субјективни забелешки. Субјективна е и мојата претпоставка дека тогашните политички елити формирале цел еден суд, со цел да им излезат во пресрет на одредени свои поддржувачи. Повторувам, ова се мои субјективни проценки и ставови, врз нив не се гради стратегија. Затоа, пак, постои нешто што се нарекува функционална анализа. Тоа е веќе мерлив, објективен материјал. Анализа која се потпира на квантитативни и квалитативни индикатори што европските држави ги користат за мерење на ефикасноста на судовите. Таква анализа летово е направена токму во поглед на управното судство во Македонија. И од неа произлегува изречно, прецизно и лесно мерливо дека последниот или најновоформираниот суд во државава – токму Вишиот управен суд не е неопходен за водење на управни спорови. Напротив, анализата укажува дека е излишен. И сега, и тогаш кога бил формиран. Грешела претходната власт кога одлучила дека на државава ѝ е потребен нов суд. Можеби мојот субјективизам на тој начин се потврдува низ објективни показатели дека претходната власт сакала да си создаде свој суд. Не знам дали тоа ќе остане недокажано, на ниво на презумпција. Но битни се објективните показатели од кои во зависност од тоа дали ќе бидат земени предвид или не од оваа гарнитура политичари, ќе зависи дали и тие ќе грешат како претходниците.

Не е мал, односно незначителен бројот на судии на Вишиот управен суд. Од нив лично познавам само три судијки. Исклучително се стручни, го знаат одлично правото и ми претставува задоволство да дебатирам правни прашања со нив. Но, тоа е повторно моја субјективна оценка. Објективен е фактот дека тие имаат со Устав загарантиран судиски мандат. Како и фактот дека постоењето на нивниот суд е излишно, нецелисходно, непотребно. Што треба да следува? Укинување на судот и ветинг на неговите судии спроведен врз строго објективни критериуми, со запазување на сите уставни и законски гаранции и заштитни механизми.

Дали е ова нешто што на судството би му се допаднало? Најверојатно не. Дали е нешто што опозицијата ќе го користи за критика? Сигурно. Но, главното прашање е дали е во интерес на заедницата, на сите граѓани? Да, секако. Дали ќе ги намали нашите трошоци? Да. Дали компаративно во светот постои држава со два суда со иста стварна и материјална надлежност – управен и виш управен суд надлежни за цела територија на државата? Не. Дали Словенија пред некоја година го укина својот Виш управен суд и надлежноста ја пренесе на Врховниот суд? Да. Дали тоа ќе се случи во Република Македонија?

Уф, тешко. Не верувам. А сакам, многу сакав и сè уште сакам да верувам дека реформи ќе се случат. Дека ќе ни се случат реформски настроени, храбри и одважни, несуетни политичари. Останува уште малку, сосема малку време за докажување на политичкиот капацитет со кој располагаме. Експертите се тука. Ги има. Знаењето е тука. Анализите се дадени на увид. На потег се политичарите. Ќе посегнат ли кон реформски решенија? Ќе издржат ли да се носат со нивната тежина или ќе продолжат низ мандатот со популистички превез на очите?

Во следната колумна одговорот на прашањето за ветингот во управното судство, поточно во Вишиот управен суд и неговото (не)спроведување, веќе ќе биде познат. Но, ќе отвориме веднаш ново „реформско“ прашање – за реформите во инспекцискиот систем во државата. Ќе ни се случи ли „полициската“ да ја замениме со „инспекциска“ држава?

(Колумната е дел од проектот на АГТИС, со наслов „Детски болести на демократијата“, финансиски поддржан од НЕД)

Ана Павловска-Данева

Споделување со вашите пријатели: