Изберете забрзани реформи

Изберете забрзани реформи
 

Никола Попоски

На една од повеќето стручни, стручно-политички или затворени за јавноста научни и експертски дебати што деновиве се водат во врска со предлогот на Владата за воведување на измени во данокот на персонален доход, се слушна едно интересно размислување на професор по економија кој, парафразирано, рече дека сега понудените измени се прифатливи, но сепак се релативно мали и ограничени. И дека не се толку важни, како што во јавноста се претставуваат од засегнатите од реформата, туку повеќе треба да се сфатат како тест за јавноста и за противниците дека нивното донесување треба да отвори еден сосема нов процес на реформи во оваа сфера. Какви, не кажа. Но, тоа не е ни толку важно – важно е да започнат брзо и да се потемелни.

Што треба да се подразбере под брзо? Ајде да се обидеме да појасниме. Министерството за финансии би требало да види дали има некои корисни сугестии во врска со предложениот концепт и нив да ги прифати, а потоа експресно да го заврши процесот на донесување на законот со кој се уредува оданочувањето на персоналните (по ново: личните) доходи и да го помине ребалансот за 2018 година и буџетот за 2019 година во Собранието до крајот на оваа година. Концептот дека данокот треба да има прогресивни стапки и дека тој треба да се прошири и да ги опфати и оние капитални приноси (доходи) на граѓаните што досега не беа дел од оданочувањето треба да остане. Дали стапките ќе се 10 и 18 отсто или 10, 15 и 18 отсто, дали ќе се намали или зголеми основицата на која тие се имплементираат и дали доходите од труд и од капитал ќе се оданочуваат со идентични или со различни стапки, се многу важни прашања кои треба да се разјаснат и да се дојде до конечно решение, но тие не се суштински во моментов. Реформата едноставно треба да се доведе до крај што побргу бидејќи таа и онака се влече предолго, односно уште од есента 2017 година.

Со тоа и присутните странични негодувања околу реформата ќе спласнат или целосно ќе завршат и решенијата ќе почнат да се имплементираат. Потоа, веднаш со почетокот на 2019 година треба се започне со студиозно размислување и симулирање на можните опции за да се доврши миниреформата во даночниот систем и таа да може да стапи во сила веќе од 2020 или најдоцна од 2021 година. Да се надеваме дека сегашната полузатегната политичка состојба околу промените на Уставот дотогаш ќе се заврши и дека Македонија, односно Собранието на Македонија ќе може многу повеќе да се фокусира на другите прашања.

Што, пак, треба да се подразбере под миниреформа во даночниот систем? Во прашање се неколку работи. Да одиме по ред. Прво, ако ги исклучиме придонесите од платата, соодносот меѓу директните и индиректните даноци сега е многу неповолен на штета на огромното мнозинство од граѓаните. Буџетот на Македонија, како што е познато, предоминантно се полни со зафаќање на индиректните даноци (ДДВ, акцизи, царини), а тие во својата суштина се регресивни, односно релативно повеќе ги оданочуваат економски послабите, а ги фаворизираат помоќните поединци. Буџетот на Македонија денес се полни со околу 59 отсто од даноците и околу 29 отсто од придонесите. Останатото од околу 12 отсто се другите буџетски приходи. Во рамките на даночните приходи, индиректните даноци придонесуваат со многу високи 72 отсто (44 отсто ДДВ, 23 отсто акцизи и 5 отсто царини), а директните даноци со само 27 отсто (персоналниот данок 15 отсто и данокот на добивка 12 отсто), односно нивниот сооднос е речиси 3:1. Другите даноци се само 1 отсто. Во рамките на индиректните даноци предоминантно учество има ДДВ со 61 отсто, односно тој обезбедува, како што видовме, 44 отсто од вкупните даночни приходи. Тој однос треба да се промени. Индиректните даноци не треба да останат надвор од реформата. Прашањето со сегашната поставеност на ДДВ до почеток на преговорите за пристапување во ЕУ, во суштина, не треба да се отвора. Дури и да не се започнат преговорите со ЕУ, тој треба да остане ваков, иако има релативно ниски даночни стапки од 5 и 18 отсто. Подоцна може да се размислува дали одредени стоки или услуги од сегашната пониска стапка од 5 отсто треба да преминат во друга повисока (средна стапка) од околу 10-12 отсто. Понатаму реформата треба да продолжи со постепеното подигнување на нивото на акцизите, особено оние на тутунот, цигарите и алкохолот. Со тоа тие треба да стигнат до учество од најмалку 26-28 отсто во вкупните даночни зафаќања, односно да го зголемат своето релативно учество за неколку процентни поени.

Второ, со цел да се продолжи со поправедно оданочување и полека да почне поголем товар да се префрла кон поправедните директни даноци, нужно ќе биде (сакале ние тоа или не) да се отвори и прашањето за прогресирање на данокот на добивка на сличен начин како и кај персоналниот доход. Во спротивно, сегашната реформа ќе остане половична и уште понеправична. За ова ќе бидат потребни многу храброст и истрајност бидејќи освен што ќе има отпори во јавноста, ќе има сериозни отпори и од највисоките врвови на власта, поточно Владата. Сепак тоа ќе мора да се случи. Некои од сегашните олеснувања и одбитоци на даночната основица кај данокот на добивка можеби треба да се задржат, но воведување на втора, прогресивна стапка во висина до 15 отсто е неминовно. Со тоа двата директни даноци ќе се покомпатибилни и ќе се затвори прашањето на постоењето на пропорционалните даночни стапки што кај нас се нарекуваат и рамен данок.

Трето, со оглед дека во економијата придонесите од плата за социјалните фондови се третираат и како наменски даноци за неколку видови социјално осигурување, нужно ќе треба и тие да се стават под сериозна лупа и да се продолжи со нивна реформа, но и да се исправат некои грешки што останаа во наследство од минатата власт, а кои предизвикаа непотребно и опасно продлабочување на дефицитите во фондовите. Реформите ќе бидат болни и долгорочни, но и за нив нема друг избор. Треба одново да се преоценат односите меѓу двата столба на пензиско осигурување, возрасната граница на пензионирање, начинот на пресметување и индексирање на пензиите, придонесите и нивната висина, воведувањето диференцирани осигурителни пакети во јавното здравствено осигурување итн. Доколку не се преземат никакви мерки, дефицитите ќе растат, а одржливоста на пензискиот и особено на здравствениот фонд ќе биде сè потешка со можни трауматични последици врз населението и општеството.

Конечно, како четврто, соодветна реформа е потребна и кај даноците на имот. За тие даноци во нашето општество малку се дебатира и обично тоа се прави со голема претпазливост. Но, и нивно приспособување на сегашниот, да го наречеме посттранзициски, период мора да се случи. Ако ништо друго, треба да се реагира со системот да се опфати многу од сега неоданочениот или пак опфатениот, но прениско оданочениот имот во земјава.

Како што може да се види, има многу прашања што може и треба бргу да се решат. Секако дека за тоа ќе бидат потребни одлучност и жртва од страна на оној (оние) што тоа ќе сака да го направи бидејќи отпори на реформите и на фаќањето во костец со проблемите на непредвидливата  иднина на земјава секогаш ќе има. Првиот отпор веќе јавно се објави. Поранешниот министер за финансии на сегашната најголема опозициска партија веќе гордо и одлучно најави дека кога тие (веројатно и тој) еднаш ќе се вратат на власт, сегашните реформи веднаш ќе биле укинати и вратени назад. Опозицијата очигледно повторно ќе сака да го одбере полесниот, но и полошиот пат за земјава, откако ќе наследи нешто што не го остави зад себе.

 

Споделување со вашите пријатели: