Западен Балкан падна подолу на агендата во Берлин

Западен Балкан падна подолу на агендата во Берлин
Најавеното заминување на Меркел од лидерското место во нејзината Христијанско-демократската унија (ЦДУ) неминовно ќе донесе промени и во перцепцијата на официјален Берлин кон Западниот Балкан. Дали тоа ќе биде драматично отклонување или внимателно дистанцирање ќе треба да се почека декемврискиот конгрес на ЦДУ и изборот на новиот лидер на партијата.

На Форумот за Западен Балкан, кој овие неколку дена се одржува во Берлин, неколкумина политички експерти нагласија дека германската политика по покраинските избори во Баварија и Хесен има други маки. Себастијан Верзиг, од големата невладина организација „Митост“, не е голем оптимист дека Западниот Балкан ќе се врати на погорните скалила на германската политика по најавата на Меркел. „Берлинскиот процес беше иницијатива на Меркел, таа вложи огромна енергија во него. Големо прашање е дали нејзиниот наследник во ЦДУ ќе ги има истите проекции за регионот“, вели тој за „Независен весник“.

Двајца од кандидатите за лидерството во ЦДУ, вели Верзиг, веројатно нема премногу да бидат наклонети за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, најмногу поради нивната многу покензервативна идеологија од онаа на Ангела Меркел. Јенс Шпан, сегашниот министер за здравство, е на крајниот десен пол на ЦДУ, кој е подесно од вообичаената изборна база на партијата. Другиот силен кандидат, отпадникот од партијата и поранешен силен ривал на Меркел, Фридрих Мерц, е заговорник на либералната економија, но се декларира како социјален конзервативец. Пред да биде протеран од врвот на партијата, тој побара Германците да се водат од „Leitkultur“, што се преведува како доминантна политичка култура. Многу порано пред да се појави кризата со имигрантите Мерц бараше секој што сака да живее во Германија да „мора да се приспособи на преовладувачката либерална култура“. Тоа тогаш предизвика фуриозна национална дебата и беше обвинет за илиберализам и расизам. Но, вели Верзиг, она што беше осудено пред десетина години сега повторно се враќа на политичката сцена. Тоа во себе го крие и стравот на политичарите и јавноста со можното ново проширување на ЕУ.

Растечката резервираност околу миграцијата во партијата на Меркел по лошите изборни резултати веќе навестуваат промена во правецот. Повеќе пратеници од ЦДУ овие денови најавија дека ќе се спротивстават на германското прифаќање на Глобалниот договор за миграцијата на ОН, кој треба да се потпише во декември, што е спротивно на ставот на владата. САД веќе најавија дека нема да се приклучат на договорот, а ним им се приклучија Унгарија, Австралија и Австрија. Чешка, Словачка и Италија веќе сигнализираа дека исто така ќе се повлечат.

Така веќе почна да се обликува новата политика кон имигрантите во Германија. Оваа драматична промена кон мигрантите може да биде чекор кон издишување на концептот за вклучување на Западен Балкан во европската архитектура.

Високиот функционер на германското МНР, Кристијан Хелбах, кој е одговорен за нашиот регион, убедуваше дека Западен Балкан е сè уште високо на агендата на германската дипломатија и дека владата останува посветена на заклучоците од Самитот во Солун 2003 година. „Главната причина за вклучување на земјите на Западен Балкан е безбедноста. Овој регион е во самата Европа, а не во некој нејзин заден двор. Економските интереси се важни, но тие не се клучот за европскиот интерес“, рече Хелбах. Но и тој признава дека иако дипломатијата е посветена, политичарите тешко ја продаваат приказната за проширувањето кај гласачите.

Кога одлуката за почеток на преговорите со Македонија и Албанија ја претставивме во Бундестагот, се соочивме со тешки прашања на пратениците на кои не беше лесно да се одговори“, вели тој.

Долго време изгледаше дека Германија може целосно да ја преземе улогата на волшебникот од Оз за Западен Балкан, како што се изрази еден од учесниците на Форумот. Во голема мерка тоа и го правеше, затоа политичарите и народите од регионот имаа толку доверба во Берлин. И особено во Ангела Меркел. Но сега односот кон проширувањето ќе зависи од тоа кој ќе дојде на власт – во ЦДУ и во Германија. Затоа што никој не ја исклучува можноста поради слабите резултати на помалиот коалициски партнер, социјалдемократите, владината коалиција која многу тешко функционира во еден момент да се распадне. Кристал Морхаус нагласува дека во Германија сега дојде времето на интроспекција. „Главните прашања во јавните дебати се околу идентитетот, кое е место на Германецот во Германија“, вели Морхаус.

Тој дискурс не е далеку од она што го заговара фаворитот за наследник на Меркел, Фридрих Мерц. А тоа е на чекор до ставање на папката за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан во шкафот во кој своите документи за европскиот напредок на регионот ги чува и францускиот претседател Емануел Макрон. Колку веќе и да изгледаат прозаични тврдењата дека европските избори во мај следната година ќе донесат драматични промени во Европа, тоа навистина може да биде така – популистите да направат голем чекор напред, народните партии да бидат во внимателно повлекување, класичните социјалдемократи пред можен слом, зелените да станат многу поважен фактор, а сојузот на Макрон и холандскиот премиер Марк Руте од либералниот блок (кои се најскептични за проширувањето) да преземат некои од клучните функции во Европската Унија. Сè на сè – по Баварија, Хесен и најавата на Меркел работите се комплицираат за Западен Балкан, без оглед на постојаното храбрење на еврокомесарот Јоханес Хан за достижноста на магичниот датум – 2025 година.

Амбасадорот Кристијан Хелбах беше многу директен зборувајќи за заблудите во некои политички кругови во Србија и Македонија. „Идејата на некои структури дека успехот на националистичките конзервативци на европските избори ќе биде добро за Србија и Македонија е целосно погрешна. Тие нови сили нема да ја отворат вратата за Западен Балкан туку целосно ќе ја затворат“. Ова негово тврдење беше порака дека многу политичари во регионот малку разбираат што се случува во Европа. Затоа, земјите од Западен Балкан, а особено Македонија, треба да побрзаат. Со реформите, се разбира.

Хелбах: ВМРО-ДПМНЕ се распаѓа

Решението за името меѓу Македонија и Грција е свеж воздух за регионот. Тоа покажува дека е можно решение и за најкомплицираните проблеми и дека е можен компромис, оцени германскиот дипломат Кристијан Хелбах.

Коментирајќи ги случувањата во македонската опозициска партија по договорот од Преспа, Хелбах нагласи: „ВМРО-ДПМНЕ се распаѓа не поради решението за името, туку поради лошото владеење долги години и големата корупција. Тоа е вистинската причина за нејзиното фрагментирање“, оцени Хелбах.

Од нашиот известувач,

Љупчо Поповски

Споделување со вашите пријатели: