Антикорупциска од пет вратена на седум члена

Антикорупциска од пет вратена на седум члена
Новиот предлог-закон за спречување корупција и судир на интереси низ текот на двомесечната јавна расправа, наместо да се профилира во построго законско решение од првичната нацрт-верзија, добил на еластичност во одредени важни сегменти. Па, така, идната Антикорупциска комисија, според информациите, ќе биде и натаму составена од седум члена, иако според претходната верзија на законот таа бројка беше намалена на пет, за што беа согласни сите вклучени страни. Сепак, уште во јавната дебата се насетило дека поради „правичната застапеност“ некои политички партии ќе бараат повторно да се оди на седум, наместо со пет члена. На такво решение, според одредени информации, инсистирале од ДУИ бидејќи во концептот со седум члена загарантирани се две места (а не едно) за членови од албанската етничка заедница.

На ваквото ретерирање во однос на првичната замисла помпезно промовирана пред два месеца од министерката за правда Рената Дескоска, залудно реагирале и претставниците на дел од невладините организации од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, која имала свои претставници во работната група за изработка на законот. Предлогот за намалување на бројот на членови, според нив, бил воден од потребата за стеснување и лоцирање на одговорноста за работата на комисијата кај помалку луѓе, за да се зголеми ефикасноста во работата и да се намали можноста за политички влијанија. Тие нагласуваат дека сега посебно ќе се именува претседател на комисијата, а посебно членови, што е различно од концептот кога сите членови се членови, а меѓу себе избираат претседател. Забелешки има и за тоа дека членовите ќе имаат право на повторен избор иако во претходната верзија тоа не било предвидено.

Одредени промени се направени и во однос на потребното претходно искуство на кандидатите за претседател и за членови. Тоа е намалено на две години и за работно искуство и за искуство во областите на спречување на корупција, владеење на правото и добро управување. Имено, претседателот, кој досега практично никој не го знаеше, според првичната верзија требаше да има багаж од 15 години во професијата и 10 во соодветните области – сега се намалува на 12 и 10. Со измените за членовите тие критериуми се намалени од 12 и осум години, на 10 и шест години. Во текот на јавните консултации имало различни ставови по ова прашање, па дебатата резултирала со прифаќање на размислувањата дека критериум може да биде и помало искуство од она што било првично предложено.

Дел од инволвираните во работната група, сепак, нагласуваат дека со широкиот дијапазон на надлежностите на Антикорупциската комисија што се воведува, како и со заострувањето на критериумите кои налагаат кандидатите да не бидат членови на партија, пратеници, министри или какви било политички функционери десет години наназад, дефинитивно се настојува да се деполитизира изборот. Новата регулатива, според нив, претставува еден тип гаранција за професионално работење, но на крајот од денот најважен е личниот и професионалниот интегритет на членовите кои ќе бидат избрани со политичка одлука во Собранието.

Според предложените измени, антикорупционерите ќе можат да имаат увид во банкарски тајни, да отвораат постапки пред судски инстанции, ќе имаат контрола на секој денар во финансирањето на политичките партии, и до Собранието ќе поднесуваат посебни извештаи од спроведената контрола. Во таа насока ќе ја следат и законитоста на финансирањето на изборните кампањи. Освен тоа, тие ќе имаат и директен електронски пристап до базата на податоци на повеќе институции – МВР, Агенција за вработување, УЈП, пензиски фонд... но не и до Агенцијата за јавни набавки, што е, исто така, сериозна база на податоци.

Според предлог-законот, и нотарите и извршителите ќе поднесуваат анкетен лист за имотната состојба, а се предлага и годишна контрола на имотната состојба на антикорупционерите. Дел од невладините организации во текот на расправата предложиле во анкетниот лист функционерите да ги пријавуваат и податоците за приходите за да може да се провери дали некому имотната состојба му е зголемена сразмерно приходите или не, но тоа не било прифатено.

„Во т.н. изјава за интереси во смисла на конфликт на интереси предвидено е секој функционер да пријави дали тој и членовите на неговото семејство членуваат во здруженија на граѓани и фондации, но нема и прашање дали истите членуваат во политичка партија, што е недостаток“, коментира претставник на невладините.

Новиот предлог-закон за спречување корупција и конфликт на интереси помина на владина седница. Министерката Рената Дескоска очекува Собранието брзо да го прифати и да „имаме функционална Државна комисија за спречување на корупцијата“.

„Првата верзија беше ставена на увид на јавноста во текот на август и за нецели два месеци успеавме да го профилираме текстот на законот со препораките од јавните дебати. Предлогот ги исполнува препораките на Прибе во делот на борбата против корупцијата, потоа препораките од извештаите на Европската комисија и ГРЕКО“, рече Дескоска.

Годинава практично ја поминавме без постоење на Антикорупциска комисија што е своевиден преседан. Во февруари членовите се повлекоа од функцијата откако беше објавен извештајот од внатрешната ревизија, во која беа наведени сомневања за исплата на фиктивни патни налози и трошења на буџетски пари. Во меѓувреме, во јавноста излегоа низа афери поврзани со владини функционери кои немаше кој да ги „прочешла“.

Наум Котевски

Споделување со вашите пријатели: