И име менуваат и народ осиромашуваат

И име менуваат и народ осиромашуваат
Александар Николоски

Секоја политичка партија тежнее да дојде на власт за да ги спроведе своите политики, да создаде нови проекти, да отвори нови работни места, да го подигне животниот стандард на народот и да ги спроведе државните политики. Цел на секоја политичка партија е кога ќе дојде на власт да создаде подобар живот за граѓаните и да ги спроведува државните стратегиски политики. И така, СДСМ за време на парламентарните избори во 2016 ветуваше дека ќе донесе живот за сите во Македонија. Наместо живот донесе криминални тендери, хаос во здравството и пустош во економијата. СДСМ воведе нешто ново на политичката сцена, наместо подобрување на економијата, СДСМ започна кампања за промена на името. Започна со една силна кампања во која го лажеше народот дека треба уште само името да го промениме и како со магично стапче сè ќе биде во ред. Дека името е тоа што нè блокира и дека Македонија е пред портите на рајот доколку го промени името. Заев ветуваше дека откако ќе го започнат процесот за промена на името Македонија граѓаните ќе живеат подобро. Не само што граѓаните не живеат подобро, туку Владата деновиве започна даночна „реформа“ која е на директна штета на граѓаните. Оваа реформа претставува реформа за осиромашување на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ кога победи на изборите во 2006 воведе рамен данок што овозможи силно да се зголеми економската активност во Македонија и една година подоцна тоа вроди со плод и македонската економија имаше 7 проценти раст. За споредба, во првата година од владеењето на СДСМ имаме стапка на раст од само 2 проценти. Додека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ кратеше даноци, а економијата беше во постојан раст, СДСМ има план за живот и зголемува даноци, а економијата тоне. Така во овој план на СДСМ се предвидува зголемување на персоналниот данок од 10 отсто на 18 отсто. Потоа оваа даночна „реформа“ предвидува и зголемување од 10 до 15 отсто на данокот за сите кои издаваат стан или дуќан под кирија. Првпат во Република Македонија ќе бидат оданочувани заштедите што ги имаат граѓаните со 15 проценти. Ова е нешто што никој никогаш не ни помислил да го направи. И тука даночната „реформа“ не застанува, владата предвидува и оданочување на дивидендите, односно акциите. Акции во Македонија немаат само олигарсите на СДСМ, туку има и граѓани кои што ги наследиле од 90-тите години на минатиот век и овие малку акции што граѓаните ги имаат носат некаков приход во нивниот домашен буџет. Власта и министерот треба да знаат дека зголемени даноци носат помали приходи во буџетот на државата, ја стимулираат даночната евазија и се зголемува сивата економија. Математиката и проекциите не треба секогаш да произлегуваат од кабинетот на министерот. СДСМ немаат чувство за реалноста затворени во своите кабинети и треба да се свесни дека наместо поголеми приходи во буџетот ќе се случи токму обратното, ќе имаат многу помал приход во буџетот. Ќе ја искористам оваа шанса да ги потсетам исто така дека основна задача на секоја влада е да овозможи успешна и ефикасна наплата на даноците. На нивната неспособност укажува и фактот дека на иста економска активност во Западна Македонија има драстичен пад на приходите од ДДВ. Тоа укажува на фактот дека во моментов веќе е започната даночната евазија. Со оваа даночна економија СДСМ нема да ја стимулира економијата, напротив ќе ги стимулира младите ИТ-инженери, популарните фриленсери да избегаат од Македонија. Со оваа „реформа“ ќе си заминат од државава сите доктори, сите машински и електроинженери, од Македонија ќе си замине најдобриот млад кадар. Што прави владата предводена од Заев и Тевдовски за да останат младите во Македонија? Оваа влада ги лажеше граѓаните за време на предизборната кампања дека ќе се враќале 15 отсто од собраниот данок на додадена вредност доколку граѓаните приложат сметки. Од ова ветување нема ништо.

Бизнис-заедницата исто така укажува дека оваа владина мерка е целосно погрешна бидејќи со ова не само што нема да се отворат нови работни места, напротив многу бизнисмени нема да можат да ја издржат оваа нова фискална политика и дел од работниците ќе останат или без работа, или нивната плата ќе биде намалена. Со оваа мерка за зголемување на даноците неизбежно ќе биде и намалувањето на инвестициите и нема да се отвораат нови работни места. Силна економија се гради со креирање нови работни места, а не со зголемување на даноци.

ВМРО-ДПМНЕ подготвува своја програма и во неа е предвиден повторно рамниот данок, а за младите што носат приходи, наука, знаење и искуство од странство предвидува дури и намалување на даноците. Една успешна влада намалува даноци со цел да стимулира економија. Влада која има 27 отсто реализација на капитални инвестиции и направи пустош во економијата зголемува даноци.

Заев и Димитров го лажеа македонскиот народ со нивната скапа кампања „За Европска Македонија“. Македонија нема да биде дел од Европската Унија доколку министрите не ги засукаат ракавите и не започнат со реформи. Македонија нема да добие датум за преговори доколку не започнат реформите. Заев и Димитров и уште десет пати да го сменат името нема да ја придвижат македонската економија. Економијата се подобрува со посветена работа, со реализација на капитални проекти, со отворање на нови работни места, со стимулирање на младите да останат во државата, а не со менување на името на државата. Оваа влада одлучи и име да ни менува и народ да осиромашува.

Во следниот период ќе излеземе со конкретна програма за стабилен економски раст. И ќе ја спроведеме веднаш штом имаме можност да ја водиме Владата. Нема да биде лесно зашто СДСМ повторно остава економски пустош. Но покажавме во минатото дека знаеме да ја придвижиме Македонија и економијата да расте, луѓето да имаат повисоки плати и да се посреќни.

Веќе искусниот економски тим, надграден со нови млади експерти е тимот што ги има сите одговори за економски напредок и благосостојба на Македонија во третата декада на 21 век.

 

(Авторот е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ)

Споделување со вашите пријатели: