Стартува „Синедејс 2018“: „Збогати се преку ноќ“ со хит-филмови

Стартува „Синедејс 2018“: „Збогати се преку ноќ“ со хит-филмови
Под слоганот „Збогати се преку ноќ“, вечерва, во Младинскиот културен центар ќе почне Меѓународниот фестивал за европски филм „Синедејс“. Мотото на фестивалот е инспирирано од тоа што за рок од една година во Скопје се отворени 30 обложувачници, па овие десет филмски дена препорачуваат духовно збогатување.

Неформално отворање на фестивалот ќе се случи во МКЦ, а од 22 часот ќе се прикажува филмот „Среќниот принц“ во режија на Руперт Еверет во киното „Милениум“. Затворањето на „Синедејс“ ќе биде со македонскиот филм „Еј“ во режија на Васил Христов, исто така во киното „Милениум“. А од „Синедејс“ велат дека го очекувале да излезе премиерно повеќе од десетина години.

Ќе бидат прикажани над 100 филма, а кураторот на програмата во официјална селекција и „Сине Балкан“ е Бернд Будер.

„Филмовите повторно доаѓаат без тема, но покажуваат колку е разновидна европската кинематографија, колку е заводлива, имагинативна и прецизна. Од победници на Берлинале, до хитови на регионални фестивали одново и одново се преминуваат граници, во артистичка и буквална смисла“, запишува Будер за селектираните филмови.

Фестивалот ќе трае до 18 ноември, а билети може да се набават онлајн на bileti.mkc.mk, како и на билетарниците на Младинскиот културен центар и кино „Милениум“. (И.Н.)

Споделување со вашите пријатели: