Мицкоски: Не сме изолирани, на состанокот на ЕПП ќе оди Николоски

Мицкоски: Не сме изолирани, на состанокот на ЕПП ќе оди Николоски
ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ги демантира шпекулациите дека ќе бидат исфрлени од семејството на Европските народни партии (ЕПП) поради противењето на договорот со Грција што ги отвора евроатлантските патишта за нашата земја. Повод за тоа беше престојниот состанок на ЕПП во Брисел, на кој нема да присуствува претседателот Христијан Мицкоски. Од партијата објаснуваат дека на ваквите состаноци секогаш биле соодветно претставувани од партиски функционери на различно ниво, така што тенденциозно е присуството на потпретседателот Александар Николоски да се претставува како изолација на партијата.

„За претседателот Мицкоски, приоритет е заштитата на македонските национални интереси и јасно изразената волја на граѓаните кои на одржаниот референдум одлучно се спротивставија на капитулантскиот договор и не дадоа поддршка на промена на името, идентитетот, историјата, традицијата и културата“, соопштуваат од партијата.

Од таму велат дека би сакале да појаснат дека станува збор за редовна конференција на Европската народна партија која се одржува неколку пати во годината.

„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски нема да присуствува на конференцијата на ЕПП во Брисел заради тоа што за понеделник е најавено одржување на пленарна седница на Собранието на Република Македонија по владината иницијатива за измени на Уставот. Самата покана испратена до ВМРО-ДПМНЕ е повеќе од јасна порака и најдобар демант до сите ’душегрижници’ кои ширеа лажни информации и вести во јавноста за изолација на партијата и нејзино исфрлање од ЕПП“, дополнуваат од „белиот дворец“.

 

Споделување со вашите пријатели: