Вицепремиерот Бујар Османи осомничен во „Пациент“ - го оштетил буџетот за 500.000 евра

Вицепремиерот Бујар Османи осомничен во „Пациент“ - го оштетил буџетот за 500.000 евра
Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи е меѓу осомничените во истрагата „Пациент“ и се товари дека како министер за здравство одобрил незаконски јавни набавки за градежни работи во повеќе болници низ Македонија со што го оштетил буџетот од 500 илјади евра.

Наместо да изберат најповолна понуда, ја избрале фирмата ГБС Благоевград, иако била поскапа од другата фирма што аплицирала на тендерот.

Во 2010 година четворица од осомничените, Фатмир Авмедовски, Бетим Љамалари, Менсур Ибрахими и Жаклина Чагороска, како одговорни лица – претседател и членови на комисијата за јавни набавки во Министерството за здравство на РМ, при вршење на јавна набавка бр 02/2010 за изведување на градежни и градежно – занаетчиски работи во повеќе Јавни здравствени установи низ Македонија, поднеле незаконит предлог за избор на најповолна понуда, а осомничениот Бујар Османи, како министер за здравство, наместо да го одбие предлогот на Комисијата, донел решение за избор на најповолна понуда на понудувачот ГБС – Благоевград – Република Бугарија.

Од доказите произлегло дека осомничените членови на комисијата, го фаворизирале понудувачот ГБС – Благоевград, и покрај тоа што знаеле дека овој понудувач не ги исполнувал условите од тендерската документација, односно не ги поседувал потребните овластувања за инженерите за изведба, а во предмер пресметките кои се составен дел на понудите, не направиле ниту точен збир на податоците, поради што не утврдиле дека понудата на Ингра Загреб е за 637.303 денари поевтина од онаа на ГБС Благоевград.

Иако сѐто ова му било познато и на министерот за здравство, тој не го одбил предлогот туку донел решение и ја избрал понудата на ГБС Благоевград како најповолна, и покрај тоа што вредноста на понудата е поголема од проценетата вредност по јавната набавка и на правниот субјект му овозможил имотна корист во износ од 21.604.150 денари.

Споделување со вашите пријатели: