Додева: Се зголемува смртноста од рак во Македонија во последните 15 години

Додева: Се зголемува смртноста од рак во Македонија во последните 15 години
Македонија е една од ретките земји во Европа каде што смртноста од рак се зголемува во последните 15 години. Затоа ние во „Борка“ сметаме дека е наша должност како здружение, на секој можен начин да ја подигнеме свесноста за овој проблем, истакна вечерва Биба Додева, претседателката на Здружението за борба против рак „Борка-за секој нов ден“, на национална конференција за рак на дојка.

Таа посочи дека Здружението има неколку барања, меѓу кои  да се подобри превенцијата и пристапот на раната дијагноза и скринингот на популацијата, да се намалат листите на чекање на контролни прегледи за тие пациенти, да се воведе национален регистар за рак со точна инциденца, преваленца, морталитет и тој редовно да се надополнува со цел да се има точни епедимиолошки и статистички податоци кои би помогнале во превенцијата, контролата и следењето на болеста.

– Сакаме да се ревидира позитивната листа на ФЗО за лекови, нови лекови, достапни терапии коишто ќе ги имаат пацинетите во Македонија. Конечно да видиме план за отпочнување на таа процедура. Да се зголеми финансирањето и да се овозможи пристап до нови лекови и терапии, да се алоцираат посебни средства од буџетот и да се централизираат набавките на лековите, како што беше тоа најавено. Тендерите да не траат подолго од три месеци и основен критериум на сите сите овие тендери да не биде само цената, туку и квалитетот, истакна Додева.

Побара да се ревидираат постојните протоколи и да се воведат нови протоколи согласно Светската здравствена организација и други меѓународни организации, како и да се воведе  национална стратегија за контрола на ракот и да се формира комисија во Министерството за здравство составена од претставници на пацентските организации.

Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека во текот на целиот месец работат на подигнување на јавната свест за ракот на дојка и на намалување на чекањето за преглед и воведувањето дополнителни термини за мамографија.

Посочи дека нивна задача е да им обезбедат на сите граѓани квалитетна здравствена заштита, потенцирајќи дека во текот на минатата недела бил потпишан Меморандум за психолошка поддршка со пациентите заболени од карцином.

– Во соработка со Фондот за здравствено осигурување работиме на обезбедување бесплатни прегледи за сите пациенти. Од следната година планираме целосна дигитализација на радиолошките апарати во земјата, како и значително зголемување на нивниот број, согласно со просекот во европски развиени земји, наведе министерот за здравство.

Квалитетот на скринингот се обезбедува со спроведување едукација преку семинари, предавања на експерти од Македонија и странство, додаде министерот за здравство. Апелираше  жените на возраст од 50 до 60 години задолжително да прават мамографски прегледи на секои две години.

Споделување со вашите пријатели: