Нема бојкот и од МПЦ: Секој сам да одлучи за референдумот

Нема бојкот и од МПЦ: Секој сам да одлучи за референдумот
Македонската православна црква ги повика граѓаните сами да одлучат што ќе прават на 30 септември. Светиот архијерејски синод на МПЦ-Охридска архиепископија смета дека граѓаните се политички зрели и оти на претстојниот референдум, слободно и по свое сопствено уверување, ќе го остварат своето демократско право на избор.

Ја изразуваме својата доверба во политичката зрелост на граѓаните на Република Македонија, кои на претстојниот референдум, слободно и по свое сопствено уверување ќе го остварат своето демократско право на избор“, се вели во соопштението од Синодот по вчерашната седница.

Ваквата одлука, според познавачите на црковните прилики, е очекувана, а можела и да се претпостави од изјавите на синодскиот портпарол, владиката Тимотеј.

Црковниот врв тргнува од тоа дека меѓу верниците има граѓани со најразлична политичка провениенција и дека со својот став ‘за’ и ‘против’ референдумот би предизвикал реакции и револт од ‘спротивната’ страна“, вели верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски.

Аргументите во тврдењата за неутралност на црквата добиваат на тежина и кога е во прашање статутот на МПЦ во рамките на православното црковно семејство. Во периодот по потпишаниот договор за името со Грција можеа да се прочитаат испаничени реакции од српските црковни достојници дека Вселенската патријаршија ќе ѝ даде автокефалност на нашата црква без да ја праша СПЦ, која смета дека има јурисдикција врз МПЦ. Уште летово, вселенскиот патријарх Вартоломеј одлучи дека може да објавува независност на црквите и без согласност од другите помесни православни цркви. Тоа го отвори патот за признавање на МПЦ и покрај противењето на руската и на српската црква, пред сè. Од тие причини, врвот на МПЦ внимателно ги влечеше потезите, почнувајќи од барањето до Бугарската црква да стане мајка-црква во пробивањето на патот до исполнување на вековниот сон – автокефалност и рамноправност меѓу братските цркви. Црковниот врв не се противеше гласно ниту против договорот за името, иако во внатрешните редови имаше владики кои отворено се против спогодбата. Еден од нив е членот на Синодот, повардарскиот митрополит г. Агатангел, кој го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да ги повика членството и симпатизерите на бојкот. Во писмото што му го испрати, тој започнува со историското ВМРО пред 125 години, го споменува страдањето на македонскиот народ низ генерациите за да добие самостојност и слобода, но и ден-денес сме биле опкружени со јавни и тајни непријатели, со цел да се разнебити македонското ткиво.

Вие, г. Мицкоски, ја имате таа шанса и таа историска одговорност, да бидете водачот на народот, кој без патетично калкулирање и политизирање, ќе застане во првите редови на македонскиот национален непокор. Македонскиот народ во моментов нема многу опции на располагање. Нему му преостанува единствено можноста самиот да се организира и да го спречи обидот за негово целосно уништување. Ова не значи дека ве наведувам да земете пушка в рака и да појдете в планина. Бидете и вие на вистинската страна и отворено пред целиот свет и пред сета македонска јавност повикајте на бојкот на наместениот референдум, кој во блиска иднина ни се подготвува за да ги оддува Македонија и македонскиот народ. Искрено се надевам дека ќе бидете на вистинската страна и дека нема да дозволите да бидете запаметен како првиот водач на ВМРО кој потклекнал и во соработка со мрачните сили на овој свет ги погазил националните интереси на македонскиот народ“, порача владиката Агатангел.

Мицкоски не повика на бојкот, туку остави секој граѓанин сам да реши дали и како ќе гласа. Став, кој е речиси идентичен со оној што го соопшти и МПЦ.

Јас не би ставил знак на равенство меѓу овој и ставот на ВМРО-ДПМНЕ, иако се со иста содржина. Синодот досега го поддржа договорот со Бугарија и не реагираше против договорот со Грција како најголема опозициска партија. МПЦ чека признавање на автокефалност од Вселенската патријаршија, а услов за тоа е референдумот да биде успешен. Значи, црковниот врв е и тоа како заинтересиран тој да успее. Овој став го сфаќам како желба да се остане неутрален, по страна и да не се создаваат дополнителни тензии во општеството. Иако, нели, црковниот врв има право што мисли за вакви важни работи. Тие од свои интереси одбраа да премолчат, а јавноста ќе суди за тоа“, заклучува Ѓорѓевски.

Горан Адамовски

Споделување со вашите пријатели: