Читајте ги Колбе и Вoскопулос

Читајте ги Колбе и Вoскопулос
Ерол Ризаов

Сиве овие години, безмалку три децении како трае блокадата на иднината на Македонија и попречувањето на нејзиниот развој во современа демократска држава, најмногу ме измачуваше едно прашање - дали ќе се појави лидер, државник, почитувана личност, предводник, татко на нацијата, кој ќе создаде околу себе критична маса и амбиент да се забрзаат историските процеси кои водат кон Европа и кон европеизација на Македонија. Во тоа го гледав решението како да се спасиме од проклетството што не ни дава да мрднеме напред, иако мнозинството граѓани на мојата татковина со отворени очи ја сонуваат Македонија како европска држава, рамноправна членка на ЕУ и на НАТО.

Која е таа сила што спречува историски процеси предизвикани од јасната определба на огромно мнозинство граѓани на една напатена земја. Како може само на ова педа почва да не важи научната закономерност потврдена во сите бурни историски настани која вели дека при големи промени, револуции, војни, се појавуваат водачи, лидери, државници кои предводат кон целта. Дали настаните исфрлаат историски личности или, пак, личностите ги прават историските настани, за тоа науката има свои критериуми да ги одредува фактите и да ги сместува личностите, порано или подоцна, таму каде што припаѓаат. Македонија, за жал, и покрај тектонските промени настанати за чудо по мирен пат, без ниту една жртва, ги смени и политичкиот и општествено економскиот поредок и стана независна држава, што беше неверојатен и непредвидлив настан. Се разбира, не велам дека за тоа нема заслужни личности, но и нашата поблиска историја веќе се полни со табуа бидејќи сè уште ни науката ни татковината ги нема препознаено своите основачи на самостојноста, како што тоа беше со Илинден 1903 година и со антифашистичката војна, АВНОЈ и АСНОМ 1941-1943-1944 година.

Луѓето од науката ќе речат нужна е историска дистанца. Да, но дистанца има и од Илинден 1903 и од АСНОМ 1944 година, па до некаде и од референдумот за независност и тоа што му претходеше на 1991 година. Од денот на независноста поминаа 27 години, што не е малку време да се разјаснат точно сите клучни настани без пристрасности и да се одреди улогата и заслугите на личностите кои ги забрзаа или, пак, ги запреа историските процеси и нанесоа големи штети. Кога ја гледаме селективноста и идеологизацијата, преправањето и фалсификувањето, лажните сведоштва за настаните на кои сме непосредни сведоци, па и учесници, тогаш се открива од каде доаѓа големата конфузија во свеста на Македонецот низ целата негова историја. Историските фалсификати и од 19 и од 20 век, во екот на создавање на македонската национална свест, но и подоцна ставањето под амнезија на единствената голема победа во историјата во антифашистичката војна и конечно повторување на истата грешка по основањето на првата современа парламентарна држава 1944 година со АСНОМ, и тоа со лаги и популизам во време на сите изминати 27 години на независна Македонија направи таква пустош во главите на луѓето каде што во судирот меѓу незнаењето и емоциите добивме само жален производ од аморфна маса и тесто за месење на живи луѓе.

Во наездата на речиси идентични пропаганди низ целата историја на Македонија во изминатите сто и кусур години, особено се ужасни и опасни тие кои експлодираат секогаш кога има шанса да се направи историски исчекор напред. Денес, повторно на крајот на втората декада на 21 век, кога сме на еден чекор од Европа, со иста жестина голем талас на популизам и примитивизам ја поплавува Македонија. Се регрутираат Македонци во сите војски кои војуваат едни против други да не успее Македонија на својот пат кон иднината. Во оваа какафонија и медиумски морален и професионален дебакл има неколку силни светилки кои ја осветлуваат мрачната страна на обидите да се спречи Македонија да ја искористи шансата создадена за првпат по прогласување на независноста да стане европска држава по теркот на западната демократија. Долгиот процес од придобивките малку ќе го почувствуваат генерациите на заминување, но затоа поколенијата ќе можат да влезат без балкански комплекси и без инфериорност во натпревар со своите врсници од Европа.

Такви две силни светилки кои го осветлуваат тој пат и ги разјаснуваат нашите комплекси и натурени дилеми од историските наслаги и пропаганди деновиве ги видов во текстовите на Кица Барџиева Колбе, објавени во „Дојче веле“ и пренесени на повеќе интернет-портали и на социјалните мрежи, и во интервјуто за „Новатв“ на Павлос Вoскопулос Филипов, лидер на движењето „Виножито“ од Грција, добро позната личност во нашата и грчката јавност, кој храбро се спротивставува на грчкиот национализам. И Кица Колбе и Павлос Вoскопулос не случајно, чинам, најдобро ја одредуваат суштината на договорот со Грција. Двајцата деца на страдалници од историските настани во Граѓанската војна во Грција се издигнале над омразата и ја согледале европската димензија на компромисот. Еве што вели нашата извонредна писателка Колбе: Кога една држава го чувствува загрозен својот национален идентитет, тоа, напати, е само симптом дека нејзиниот наратив не е доволно кохерентен. Вистински јасниот национален идентитет и вистински јасниот национален наратив никогаш не би требало да се чувствуваат загрозени од идентитетот на соседна земја. Зошто тогаш Грција и Бугарија стравуваат од „грабеж“ на тоа што го нарекуваат само нивна историја? Затоа што, очигледно, веруваат дека историјата на Балканот не е завршена. Дека геостратегијата на овој дел на Балканот уште може да создаде нови воени конфликти. Југословенските војни го потврдија тоа сознание. Ова е факт што треба да го замисли секој самосвесен македонски граѓанин. Никогаш во минатото Македонија не била актер во одбраната на својот историски и национален наратив. Во Договорот тој наратив, така како што го познаваме од последните седумдесет години, само добива потврда и заштита во меѓународни рамки. Македонскиот наратив, колективното културно паметење добива со договорите со Грција и со Бугарија меѓународна легитимација.Во минатото меѓународната заедница за македонското паметење беше само егзекутор на договорите по воените порази. Сега, таа за Македонците е првпат гаранција на нивната самобитност. Зошто? Затоа што Македонците првпат во историјата беа прашани да кажат кои се тие и што се тие. Првпат Македонците во преговорите за името ја заштитуваа својата приказна – македонската. Независно дали таа можеше да се заштити и одбрани подобро отколку што се случи, факт е дека главниот македонски наратив е сочуван...

Кое беше досегашно колективно паметење на Македонците? Кој наратив беше закотвен во самосвеста ако не оној на „историската жртва“ Македонија? Имено, кога непристрасно се посматра историјата на територијата Македонија, колективното паметење на Македонците досега беше само паметење на порази...

Павлос Воскопулос, пак, во интервју за „Новатв“ вели: „Префиксот „Северна“ не значи какво било оспорување на идентитетот. Мислиме дека тоа воопшто не влијае врз националниот идентитет. Ние сметаме дека македонскиот национален идентитет е загарантиран секаде во светот. Цел свет го признава и тоа го знаеме добро. Грција и Бугарија имаат внатрешен проблем со македонското прашање. Кога станува збор за национален идентитет, нема да има никаков проблем, но исто така сакаме да потенцираме дека настојуваме да гледаме напред и да има мир за следните генерации... Во договорот јасно се наведува македонскиот јазик и ова е голем шок за просечен Грк. Ова е голем продор и прво распукување на националистичката идеологија во Грција и затоа е голем проблем за просечен Грк да прифати македонски јазик. Овие две точки во договорот, македонската националност, или државјанство и македонскиот јазик се проблем за просечен Грк кој не е информиран и едуциран за да знае за што станува збор. Самиот договор во овие две точки е размрдување и удар на грчката националистичка идеологија. Ова им дава предност на грчките либерали и демократи да признаат поинакво поимање на македонштината од она што учат во школите“.

Ако ви недостасуваат камчиња да го склопите мозаикот за вашите дилеми и определби за патот по кој треба да оди Македонија за да стаса до целта, читајте ги Колбе и Вoскопулос, ве уверувам дека нема да погрешите.

 

 

 

Споделување со вашите пријатели: