Со слаб одѕив во дијаспората ќе се „крпи“ цензусот

Со слаб одѕив во дијаспората ќе се „крпи“ цензусот
Деветнаесет македонски државјани кои престојуваат или се на привремена работа во странство се пријавиле првиот ден преку електронската апликација на Државната изборна комисија да го остварат своето право на глас на претстојниот референдум. Доколку пријавувањето се одвива според тој интензитет, без посериозни поместувања, до истекот на рокот на 23 август таа можност би ја искористиле едвај 300 иселеници. Припадниците на дијаспората за гласање во странските држави може да поднесат и барање во дипломатско-конзуларните претставништва во земјите каде што живеат.

Иселениците по правило, и покрај сè позасилените агитации, досега тешко се будеа за да го искористат правото на глас на парламентарните и претседателските избори, кое им следуваше врз основа на одредбите на изборниот законик. Можно ли е да се случи некаков драматичен пресврт при нивната премиерна можност за искористување на својот референдумски глас, добиена без поголеми политички потреси, со „амин“ од сите партии при неодамнешното усогласување меѓу Изборниот законик и Законот за референдум, според правилникот на ДИК?

Партиите од владејачката коалиција полека ја засилуваат кампањата повикувајќи ги граѓаните масовно да излезат и да го кажат својот став во однос на договорот со Грција. Тие не сакаат да влегуваат во проценки колкава би можела да биде излезеноста во дијаспората. Велат дека секој глас е важен во поглед на остварување на цензусот при носењето на историската одлука што ја дефинира иднината на државата. И, притоа, жалат што се задоцнило со идејата иселениците своето право на глас да можат да го остварат преку електронски пат.

Од ДУИ, чија идеја иселениците да дојдат во Македонија и тука да гласаат не помина, велат дека контактираат со различни здруженија од земјите од Европа и Америка. За референдумот ќе ги користат истите пракси како што ги користеле за парламентарните избори. Од друга страна, и покрај започнатите рокови за пријавување и увид во избирачките списоци, и тие и граѓаните овде го чекаат конечниот став по однос на референдумот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, последниот изборен процес во кој учествуваше дијаспората доживеа фијаско бидејќи иселениците не добија ниту еден пратеник. Бројот на регистрирани гласачи во изборната единица седум беше 20.573, а на гласање излегоа нешто повеќе од осум илјади. Дијаспората првпат на тие избори беше една изборна единица, за разлика од претходно кога оттаму се избираа тројца пратеници.

Од она што стигнува во Македонија, се гледа дека дијаспората е поделена на два различни табора во однос на референдумот. Обединетата македонска дијаспора (ОМД) предводена од Мето Колоски повикува на бојкот, додека Форумот за демократска Македонија го поздрави распишувањето на долгоочекуваниот референдум. ФДМ ја осуди блокадата од страна на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи за нив тоа претставува погазување на правото на граѓаните да ја изразат својата волја на референдумот.

„Референдумското изјаснување е можност граѓаните да покажат сопствено размислување и да донесат одлука во натпартиски контекст. На крајот, како глобална организација на македонски иселеници од најразлични возрасти и етницитети, Форумот строго ги осудува сите обиди на одредени иселенички организации да го моноползираат дијаспорскиот дискурс и да го прикријат разногласието во дијаспората за ова клучно политичко прашање“, велат од Форумот.

ОМД, пак, како главна причина за бојкотот го наведува прашањето кое ќе биде поставено пред граѓаните.

„Вака поставеното прашање е неприфатливо поради својот манипулативен карактер кој го крие вистинскиот исход од договорот со Грција, кој подразбира промена на името на државата во Република Северна Македонија и бришење на македонската историја и посебност“, велат од ОМД.

Со оглед на поделеноста, дел од политичките аналитичари не очекуваат некаков драстичен пораст на процентот на излезеност во дијаспората во поглед на последните парламентарни избори.

„Очекувам неколку илјади гласачи да се изјаснат по однос на референдумот, повеќето од нив од албанската етничка заедница, што според мене, нема да има поголемо влијание врз конечниот исход“, вели аналитичарот Владимир Божиновски.

Референдумот доаѓа во мошне деликатен момент бидејќи речиси триесетина дипломатски претставништва и конзулати во моментов се „обезглавени“ и речиси зјаат празни. ДИК ќе отвори избирачки места во сите дипломатски претставништва каде што за гласање ќе се пријават над 10 избирачи, додека во тие каде што ќе има над илјада пријави ќе бидат отворени и дополнителни избирачки места.

Во оние македонски амбасади и конзуларни канцеларии во кои нема доволно кадар кој ќе го организира изјаснувањето на иселениците, како што појаснува портпаролката на ДИК, Љупка Гугчевска, ќе бидат испратени избирачки одбори од Македонија.

Наум Котевски

Споделување со вашите пријатели: