Наезда на комарци

Наезда на комарци
Наезда на комарци во Скопје. Задоцнетото прскање и дождливото лето ги намножија инсектите, а граѓаните не можат да најдат спас. Се жалат дека е невозможно да се излезе на отворено, особено на шеталиштата покрај Вардар. Последиците ги чувствуваат сите, а особено децата, кои последните месеци се редовни посетители на дерматолошките ординации.

Црвенила, отоци и јадеж се првите симптоми на убодот на инсектите. Дерматолозите велат дека нехигиената во градот придонесува комарците, покрај сопствениот секрет, со убодот да ни внесуваат и различни нечистотии, вируси, пестициди и други хемикалии. Тоа е причината што многумина летово имаат бурни кожни реакции, кои не се смируваат без медикаменти и терапија.

„Силните и продолжени реакции на убод од инсекти со црвенила и јадеж, често се компликуваат и со инфекции. Тоа е резултат на фактот дека тие веќе се движеле по многу нехигиенски места, па со убодот ни пренесуваат и инфекција. Треба да се потсетиме дека хигиената е половина здравје и дека негрижата за околината ни се враќа и на ваков начин“, вели дерматологот Марга Балабанова.

Таа препорачува да се посвети внимание на превентивата од убоди особено кај децата. Секогаш кога е можно да се носи тенка облека со долги ракави и долги панталони, а редовно да се користат и средствата што ги одбиваат инсектите. Средствата како ациди борици, па и обичен оцет се добри како прва помош против јадеж, но доколку црвенилото е упорно, треба да се посети доктор и да се побара третман.

Пациенти со искомплицирани симптоми од убоди на комарци имаме секој ден, вели дерматологот Андреј Петров. Тој посочува дека проблем имаат и возрасните, не само децата и препорачува да се посвети внимание на превенцијата.

Од Градот Скопје велат дека досега е прскано со средството аквакотрин, за кое веќе е потврдено дека е ефикасно. Сепак, запрашувањето доцнеше речиси два месеци, поради тендерот и изборот на соодветно средство за прскање. Тоа, заедно со влажното време, придонесе инсектите премногу да се намножат. Досега, Градот прскаше само двапати, а третото запрашување е планирано за викендов и во текот на следната недела. Вообичаено, прскањето во Скопје почнува во април или во мај.

И врнежливото лето годинава многу придонесе за размножувањето на комарците. Според професорката на Институтот по биологија на Природно-математичкиот факултет, Валентина Славевска-Стаменковиќ, климатските промени придонесуваат за зголемување на температурите, што заедно со врнежите во пролетните и летните месеци се дополнителна причина за зголемување на бројот на инсекти.

„Врнежите од дожд предизвикуваат зголемување на бројот на живеалишта полни со вода, во кои се размножуваат инсекти, конкретно комарците, скакулците и други. Истовремено, причина за зголемениот број комарци годинава се и температурите и влагата кои ги забрзуваат животните циклуси и создаваат поволни услови за зголемување на бројот на генерации инсекти кои ќе се размножат“, вели Славевска-Стаменковиќ.

Сања Наумовска

Споделување со вашите пријатели: