Кој го намести Велковски?

Кој го намести Велковски?
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој најави дека ќе поднесе предлог за разрешување на директорот на Бирото за јавна безбедност, Лазо Велковски, по скандалот со полицискиот џип, е претседател и на Комисијата за кадровски прашања која ќе одлучува дали тој ќе биде прифатен. Освен Спасовски, во Комисијата членуваат и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, вицепремиерот за Рамковен договор Хазби Лика, министерот за животна средина Садула Дураку и министерот за здравство Венко Филипче.

Оваа недела Владата не одржа седница поради годишните одмори, но се очекува предлогот за разрешување на Велковски да биде ставен на дневен ред наредната недела во вторник. Оваа седница сè уште не е закажана, но според редовните практики, Владата одржува седница секој вторник напладне.

Според редовната процедура, на точката за кадровски прашања, министерот Спасовски треба да го достави предлогот и Владата да донесе одлука. Кадровската комисија секогаш има седница пред почетокот на владината седница и таму го усогласуваат ставот за кадровските промени.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека министерот ќе го достави предлогот за разрешување на првата владина седница наредниот период, а од Владата велат дека предлогот ќе биде ставен на дневен ред согласно процедурите.

„Предлогот на министерот Спасовски, согласно процедурите, ќе биде ставен на дневен ред на седница на Владата, до кога се очекува да биде доставен. Како за секоја друга одлуката на Владата, јавноста ќе биде информирана веднаш штом биде донесена“, велат оттаму.

Предлогот за разрешување на Велковски следува по обелоденувањето на информацијата дека полициски џип „ренџ ровер дискавери спорт“ бил виден во грчкиот камп Евридики. Медиумите објавија дека во џипот била ќерката на Велковски која со своите другарки одела на летување во Грција со службеното возило во сопственост на Министерството. Оттаму првин потврдија дека возилото е во нивна сопственост и дека го управувал полициски службеник од Шестата управа. По четири дена од објавувањето на фотографиите и видеото со џипот, министерот Спасовски соопшти дека извештајот на Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди покажал дека не била испочитувана процедурата и дека Спасовски ќе поднесе предлог за разрешување на Велковски.

Министерот утврдил дека не била запазена процедурата за службено патување и, покрај налогот, не било потпишано решение за службено патување.

Џипот бил пратен во Грција со налог што го потпишал самиот Велковски. Сепак, во својот исказ тој се правдал дека службеното возило го ангажирал поради крајна нужност, односно бидејќи подолго време му се заканувале и нему и на неговото семејство.

Велковски беше именуван за директор на Бирото за јавна безбедност во јуни минатата година како квалитетно експертско решение со долгогодишно работно искуство во областа. Според неговата биографија, тој е вработен во МВР од 1991 година. Во првите години од својата кариера работел во областа на безбедност на патниот сообраќај. Во 2004 година станува директор на БЈБ, на чие чело е до 2006 година, во периодот кога власта ја презема ВМРО-ДПМНЕ.

Во цел овој период додека власта е во нивни раце, Велковски работел во Агенцијата за разузнавање која е под надлежност на претседателот на државата. Тој во полициските кругови важи за близок човек на Бранко Црвенковски кој наводно го преместил во Агенцијата во времето кога тој беше шеф на државата.

Иако гестот на Спасовски од морален аспект е дочекан позитивно, сепак зад овој чин некои препознаваат и можна пресметка на министерот со кадрите на Црвенковски и тие блиски до министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Познавачите коментираат дека овие судир во партијата на власт може негативно да се одрази на кампањата за референдумот.

Велковски во тимот на Спасовски влезе во 2015 година, како негов советник и началник на СВР-Скопје, а неговото име се споменуваше и како можен иден министер за внатрешни работи. Тој беше именуван за директор на Бирото за јавна безбедност во ист ден со Горан Николовски, кој беше именуван за директор на Управата за безбедност и контраразузнавање.

Неговото враќање во високите редови на МВР се толкува како чекор кој бил нужен бидејќи во СДСМ веќе немале свои кадри во МВР освен луѓето блиски на Црвенковски.

Во својот анкетен лист што го доставил до Антикорупциската комисија, Велковски има пријавено станови, автомобили, земјишта и акции. На име на неговата сопруга има пријавено стан од 66 квадратни метри во Скопје и исто толкав стан во главниот град на негово име. Има наследено земјиште во Скопје и пријавено два автомобила. На име на неговите деца има пријавено „рено меган“, а на негово име „ауди А4“. Има акции во банка и три кредити што треба да ги отплаќа уште две години.

Идната недела Владата треба да соопшти дали ќе го прифати предлогот на Спасовски за негово разрешување.

Фросина Факова - Серафиновиќ

Споделување со вашите пријатели: