Зонското паркирање во Гостивар се очекува да профункционира наесен

Зонското паркирање во Гостивар се очекува да профункционира наесен
Зонското паркирање во Гостивар се очекува да биде воведено до октомври, најавуваат од локалната самоуправа. Во тек е огласот што го објави „Градски паркинг и зеленило“ за избор на фирма која ќе го воспостави, стопанисува и одржува системот за зонско паркирање.

Ова е нов обид на општинската власт да воспостави ред со паркирањето во градот откако пред половина година беше раскинат договорот со фирмата која претходно партнерски управуваше со паркинзи Гостивар.

Според податоците во огласот, станува збор за период од една година со вредност од 1,2 милиони денари, а главен критериум за избор ќе биде најниската понудена цена.

- Во моментов се работи на расчистување на обврските од договорот со фирмата на која претходно ѝ беше доверена наплатата на паркирањето. Доколку постапката за новиот избор тече според планот, најдоцна до октомври треба да се воведе зонското паркирање, наведуваат од општина Гостивар.

Избраната фирма треба да обезбеди систем со можности за плаќање на паркинг услугите со СМС пораки, билети и примена на мерки за справување со непрописно паркирање, односно подигање на возила.

Зонското паркирање треба да се спроведува во работните денови од 7 до 21 часот, во саботите од 7 до 14 часот, а во неделите и за празници паркирањето ќе биде бесплатно.

Заради сомнежи дека претходното општинско раководство склучило штетен договор, во февруари договорот беше раскинат.

Нерегулираното паркирање по гостиварските улици доведе до сообраќаен неред на кој граѓаните често реагираа и искажуваа незадоволство.

Крајниот рок за доставување на понудите е 16 јули, по што ќе следуваат останатите процедури за избор на оператор.

Споделување со вашите пријатели: