НАТО ќе нè покани, приемот во два чекора

НАТО ќе нè покани, приемот во два чекора
 

Брисел - Лидерите на земјите членки на НАТО денес попладне ќе решат на Македонија да ѝ упатат покана да ги започне пристапните преговори за членство. Високи функционери на алијансата вчера уверуваа дека ниту една земја нема да ја блокира одлуката и дека без оглед како гласи името на поканата, процесот низ кој ќе треба да помине Македонија е ист како за Црна Гора и другите последни земји членки на НАТО.

Генералниот секретар Јенс Столтенберг и вчера ја повтори намерата на НАТО со зборовите дека „по историскиот договор за името, лидерите ќе се согласат да го поканат Скопје да почне пристапни преговори, а кога договорот ќе биде финализиран, ќе ја поканиме БЈРМ да стане 30. земја членка на НАТО под новото име Република Северна Македонија“. Впечатокот вчера беше дека во НАТО се посреќни за поканата од јавноста во Македонија, дотаму што се видоа и солзи.

Дека НАТО има јасен став за поканата, а како ќе заврши таа зависи само од Грција и од Македонија, потврди и амбасадорката на САД во НАТО, Кејт Бејли Хачинсон, која ја нарече прекрасна очекуваната одлука на НАТО да ја покани нашата земја да ги започне пристапните преговори за членство.

„На овој самит имаме прекрасно испорачување за Република Северна Македонија, ако граѓаните го одобрат договорот со Грција. Тоа е важен дел од јакнењето на алијансата, на човековите права и на демократијата“, порача таа ставајќи ја оваа вест меѓу најважните на самитот. Таа го нарече НАТО најсилна алијанса во историјата и во согласност со Светското фудбалско првенство, забележа дека сите четири земји што влегоа во последниот круг натпревари се земји членки на НАТО.

Висок претставник на НАТО вчера ги отфрли сомневањата дека, како во ЕУ, некоја од земјите членки на самитот може да изненади и да се спротивстави на намерата да се активира поканата за Македонија. Според него, „нема ни индиција“ дека може да се случи такво нешто, а негово цврсто уверување беше дека кога внатрешната процедура во Македонија и во Грција ќе биде завршена, нема да има проблем да се финализира приемот.

Истиот одговор тој го упати и за можноста американскиот претседател Доналд Трамп, поради средбата со претседателот Владимир Путин, да покаже резерва кон поканата за Македонија, нешто што со изјавата го демантираше амбасадорката Хачинсон. Според високиот претставник на НАТО, кој бил вклучен во преговорите за ова прашање, во ниту еден момент немало навестување дека САД може да го сменат ставот поради Русија. Уште повеќе, што во НАТО има заклучок дека штом ќе се реши спорот за името, поканата ќе ѝ се упати на Македонија и сите земји стојат зад неа.

Околу дилемата дали на Македонија ќе ѝ биде упатена иста покана како на Црна Гора и другите земји членки, бидејќи формално ѝ се праќа покана да ги почне пристапните преговори, а за прием треба да се финализира договорот со Грција, овој висок претставник на НАТО рече дека формално ќе се испрати покана за почеток на пристапни преговори, но тие водат до членство и дека практично гледано и технички истата процедура ја поминале и другите земји, без оглед како се именувал процесот. Практично, од НАТО порачуваат дека нема да има две покани, дека приемот е почнат и се чека само потврдувањето на договорот со Грција за некоја од земјите да не го блокира процесот при ратификацијата. Реално, со оглед на дилемите во јавноста, и покрај чистата покана, и приемот на Црна Гора не беше гарантиран до крајот.

„Ова не е нов услов. Мора да се оствари договорот и кога тоа ќе се случи, ќе продолжиме. Процесот и така трае една година“, објасни високиот претставник на алијансата.

За Русија од НАТО порачуваат дека не се против влијанието на оваа земја, туку против нејзиното мешање во внатрешните работи на земјите, кампањите за дезинформирање и неприфатливо финансирање на политички партии и невладини организации. Сепак, од Русија има видлив молк околу поканата за Македонија, што се должи веројатно на добрите односи на Москва со Грција и на фактот дека има мало влијание во Македонија нивната кампања, така што таа не е тема на самитот во овој контекст.

Заменик генералниот секретар на НАТО, Роуз Елен Готмулер, како и другите, очекува сите лидери на земјите членки на НАТО да се согласат за поканата за членство за Македонија и многу бргу да почнат пристапните преговори со нашата земја. Во интервју за „Независен весник“, Готмулер порача дека во НАТО веќе ги подготвиле материјалите за преговорите и дека ако се следи примерот на Црна Гора, за четири месеци ќе биде комплетиран пристапниот протокол кој ќе треба да го ратификуваат сите земји членки.

„Го гледаме ова како многу важен историски момент за вашата земја, но и за НАТО“, рече Готмулер, додавајќи дека откако сите процедури ќе бидат комплетирани, вклучувајќи го и договорот со Атина, во НАТО ќе влеземе како Северна Македонија, откако претходно ни се обраќаше со Скопје, БЈРМ и бивша југословенска Република Македонија.

Околу прашањето дали немањето покана за шефот на државата Ѓорге Иванов е некаква порака до него, со оглед на тоа дека на самитот во Букурешт беше поканет целиот државен врв, заменик генералната секретарка одговори дипломатски дека нашата влада е таа која одлучува кој ќе дојде на самитот и дека во различни земји членки има различни практики кој ги претставува во НАТО. Високиот претставник на НАТО, исто така, тврдеше дека за присуство на самитот решава нашата влада, откако поканата за самитот ја доставиле до амбасадорот на Македонија во алијансата, кој важи за близок до претседателот на државата.

Околу тоа која е пораката на НАТО за оние што се противат на договорот за името и на референдумот, Готмулер одговори во позитивен тон – практично избегнувајќи ја можноста референдумот да не успее. Според неа, членството во НАТО значи можност да се зајакнат стабилноста и безбедноста на Македонија и да ѝ се осигураат подобра економска перспектива и иднина. Затоа таа им препорача да се фокусираат на големата слика.

Дали негативен референдум би значел повлекување на условената покана што Македонија ја имаше во НАТО десет години наназад? За Готмулер, Македонија треба да направи напори да ја помине целата процедура, а НАТО не е тој што во моментов треба да коментира.

„Ние нема да коментираме, но ќе ве охрабриме. Сакам да нагласам дека БЈРМ е на прагот да направи голем чекор кон безбедноста и стабилноста. Затоа сакаме да се осигураме дека сите граѓани ќе го видат ова така, како голема можност што не смее да биде пропуштена“, изјави таа, додавајќи дека лично се надева на позитивен исход и верува дека нашите власти ќе работат напорно за да ја уверат јавноста во придобивките од приемот.

Високиот претставник на НАТО во брифинг за новинарите, пак, дополни дека не е работа на НАТО внатрешната процедура во земјата, но од политичка гледна точка ќе биде реален проблем ако таа процедура не биде комплетирана. Според него, во тој случај нема да има консензус за ратификација на членството.

Македонската делегација со премиерот Зоран Заев во Брисел ќе дојде денес, но формално нема стол на самитот, туку на маргините, како земја нечленка. Откако лидерите ќе го донесат заклучокот за Македонија, денес напладне се планира церемонија на предавање на поканата на македонскиот премиер.

Од нашиот специјален известувач, Слободанка Јовановска

 

 

 

Споделување со вашите пријатели: