ВМРО-ДПМНЕ стравува од избори во пакет со референдумот

ВМРО-ДПМНЕ стравува од избори во пакет со референдумот
Да се врати концептот на преодна влада кој беше договорен во Пржино – во екот на политичката криза во државата. Ова е практично едно од барањата што ги поставува опозицијата како услов за деблокада на изборот на новиот состав на ДИК, покрај измените на Законот за финансирање на партиите.

Иако до редовните парламентарни избори има уште две и пол години и моментно е поургентно да се подготви теренот за претстојниот референдум за името, а потоа и за претседателските избори напролет, ВМРО-ДПМНЕ сега го истакнува барањето за измени во Законот за влада како поприоритетно од комплетирањето на ДИК.

На прашање зошто токму сега се отвора оваа тема, кога веќе неколку месеци партиите водат меѓусебни разговори во работни групи за измени на изборната регулатива, висок партиски функционер вели дека тоа е „превентивна мерка“ во случај владејачкото мнозинство да реши да оди на вонредни избори во пакет со референдумот, а со цел да се постигне поголем одѕив за постигнување на референдумскиот праг.

Според тоа, она што не беше прифатливо за старото раководство на ВМРО-ДПМНЕ за време на преговорите во Пржино, наеднаш стана приоритет за новиот партиски врв. Сега опозициската партија, според информациите, сака во законската регулатива да го врати пржинскиот модел на влада – со двајца министри и тројца заменици од редовите на опозицијата. Тој модел стана дел од Законот за влада пред парламентарните избори во 2016 година, но како преодно решение – само за тој изборен циклус, затоа што ВМРО-ДПМНЕ беше против, за разлика од СДСМ кој инсистираше во предизборието да има контрола врз неколку ресори поврзани со изборите.

Сега ситуацијата е обратна: ВМРО-ДПМНЕ го бара решението што го отфрлаше во 2015 година, а СДСМ, според информациите, смета дека веќе нема потреба од таков тип преодна влада, со оглед на тоа што е надмината длабоката политичка криза која кулминираше со објавување на „политичките бомби“.

Разговорите во Пржино на оваа тема завршија со тоа што во Законот за влада како системско решение и за идните циклуси парламентарни избори беше внесена единствено одредбата според која премиерот на политичката влада се повлекува од функцијата 100 дена пред изборите. Потоа неговата партија номинира технички премиер за спроведување на изборниот процес. Груевски, всушност, беше првиот премиер кој замина од „Илинденска“ под такви околности отстапувајќи му го столчето на Емил Димитриев. Доколку во наредниот период не се направат некои законски измени, истото тоа ќе треба да го направи и актуелниот премиер Зоран Заев кога ќе дојде време за парламентарни избори. Затоа, пак, не важи веќе одредбата според која во техничката влада опозицијата предлага министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика и заменици со право на вето во ресорите финансии, земјоделство и информатичко општество и администрација.

Инаку, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во повеќе наврати во последните месеци, бараше предвремени парламентарни избори, но во една пригода посочи дека тие би требало да се одржат заедно со претседателските – во април следната година. Наспроти тоа, од владејачкиот СДСМ не ја отфрлаат целосно можноста за вонредни избори, дури и во пакет со референдумот, иако нивна првична заложба е овој пат да се оди на редовни избори – кон крајот на 2020 година.

Со блокадата на изборот на ДИК се оневозможува да почнат подготовките за референдумот за името што би требало да биде распишан до крајот на овој месец за да може да се одржи на крајот на септември или во почетокот на октомври. Од референдумските резултати, пак, зависат уставните измени согласно со договорот со Грција кои би требало да завршат до крајот на годинава, за потоа да може да се официјализира членството на Македонија во НАТО.

Иако Мицкоски го фаворизираше враќањето на стариот концепт на ДИК (само со партиски претставници и со претседател од редовите на опозицијата) кој функционираше до потпишувањето на договорот од Пржино, ВМРО-ДПМНЕ сега го оневозможува во парламентот изборот на новиот состав според стариот модел. ВМРО-ДПМНЕ бара да се уреди претходно финансирањето на политичките партии и да се измени Законот за влада, иако овие прашања се дел од пакетот темелни измени во изборната регулатива, за што партиите преговараат во работни групи, а што треба да бидат донесени откако ќе биде избран преодниот состав на ДИК – со мандат од само шест месеци.

Од СДСМ излегоа деновиве со тврдења дека ВМРО-ДПМНЕ го условува изборот на ДИК со намера да издејствува амнестија не само за настаните на 27 април минатата година, туку и за случаите што произлегоа од „бомбите“.

Наспроти тоа, Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој е претседател на Комисијата за избори и именувања, изјави вчера дека амнестијата за 27 април не е услов за избор на ДИК. Според него, потребно е политичките партии да се усогласат околу комплетирањето на Комисијата, бидејќи постапката е комплицирана.

„На крајот, Собранието треба да го избере составот на ДИК со двотретинско мнозинство. Доколку нема усогласеност, а биде свикана пленарна седница, таа постапка ќе биде осудена на неуспех“, рече Димовски.

Македонија е без изборна комисија уште од декември минатата година, кога речиси сите членови на ова тело, кои беа избрани според моделот од Пржино, поднесоа оставки поради скандалот со високите надоместоци за последните изборни циклуси. Пред извесно време, „отсуството“ на ДИК беше причина поради која пратеникот на СДСМ Петар Атанасов не беше избран за заменик министер за образование – затоа што не може да се пополни неговото место во парламентот. Моментно, пак, најголем проблем е тоа што нема кој да ги почне подготовките за спроведување на најавениот референдум. Доколку процесот за избор на Комисијата се одолговлечи, и понатаму ќе нема ниту кој да спроведе избори – во случај да се јави потреба од вонредно гласање.

Александра М. Митевска

Споделување со вашите пријатели: