Ќе го заобиколи ли Заев референдумот?

Ќе го заобиколи ли Заев референдумот?
Александар Николоски

Референдумот како крајна финална фаза од решението на спорот за името опстојува како константа на македонската политичка сцена долг временски период. Своевремено промовиран од ВМРО-ДПМНЕ, потоа прифатен и од СДСМ, речиси секогаш го имало во плановите за решението за името. Целта е многу едноставна - народот, а не политичарите да го кажат последниот збор околу најбитното прашање. И кога велам народот, мислам на сите што живеат во Македонија, но пред сѐ на Македонците. Затоа што спорот со Грција е насочен кон Македонците, нивното постоење како посебен народ со свој јазик, култура, традиција, наследство и сето она што еден народ го дефинира како посебен и различен од другите народи. Секако, поради овој спор, судбината со нас ја делат и другите што живеат во Македонија, како Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци и останати, и мора да им се одаде признание дека секогаш коректно се држеле во овој спор не навредувајќи ги чувствата на Македонците.

Пред нас имаме договор потпишан од Зоран Заев и Никола Димитров, кој според мое мислење  е најлошиот договор што Македонија можела да го добие. Дури мислам да не преговараа само да побараа од Грците да им напишат договор и овие двајца само да го потпишат ќе добиеја подобар договор. На раб на неверување е согласноста на власта во Македонија да го одроди Македонецот, да го промени уставот, да ги дефинира јазикот и нацијата како вештачки творби, ограничени само на територијата на денешна Република Македонија, да се согласи дека нема Македонци ниту македонски јазик во Грција, да се согласи да се менуваат сите учебници во истата оваа насока, да ги промени кодовите на Македонија и многу други штетни делови за кои ги повикувам оние што го читаат ова да го прочитаат договорот и сами да се уверат.

Дел од овој процес секако треба да биде референдумот како ветување и на Зоран Заев. Но да сме искрени, Заев не стори ништо за да се направат услови за еден успешен референдум. Веројатно свесен дека се согласува на многу лош договор кој нема теорија да помине меѓу народот, свесно прави манипулација во договорот за името каде што во членот 1 точка 11 можноста за референдум ја остава само како опција, доколку така одлучи „втората страна“, како што срамно е наречена Македонија во договорот. Значи не е обврска задолжително да се организира референдум, туку само можност.

Тоа нè носи до заклучокот дека Заев има најмалку три опции да го изигра референдумот. Првата е воопшто референдум да не организира. Втората е да организира т.н. консултативен референдум каде што не е потребен цензус од 50 проценти плус еден да излезат и да гласаат, туку се смета за успешен доколку половина од тие кои излегле да гласаат гласале „за“. Третата е да оди на т.н. задолжителен референдум, на него да нема потребен цензус од 50 проценти плус еден кои излегле да гласаат, но сепак Заев да каже дека ќе ја почитува волјата на оние кои излегле да гласаат.

Свесен сум дека ова звучи по малку еретички и надвор од основниот наратив кој го имаме низ медиумите, но доколку во комбинација ги ставите трите фактори - исклучително лош договор со Грција за преименување на Македонија и Македонците, содржината на договорот, особено член 1 точка 11, и внимателно ги следите изјавите на Заев и читате меѓу редови, тогаш станува многу веројатно дека или нема воопшто да има референдум или ќе има но ќе биде жестоко изманипулиран и ќе биде изиграна волјата на гласачите.

Ова само го потврдува ниското ниво на демократски капацитет на Зоран Заев и неговото поимање за политиката и народот како тесто кое може да се обликува и манипулира како се сака. Мислам дека сериозно се лаже и го потценува народот! Народот е свесен за ова и затоа одговорот е веќе така силен и жесток, а ќе станува и посилен и пожесток.

Тука сакам и да му ги избришам илузиите на секој кој мисли дека ВМРО-ДПМНЕ може да биде соучесник во едно вакво валкано сценарио за изигрување на волјата на народот. Стратегиите и тактиките нема да ги откриваме предвреме, но можам да кажам дека тие ќе се сериозен и организиран одговор и спротивставување на манипулациите со крајна цел зачувување на името на Република Македонија и македонскиот народ.

Следува интересно лето...

Споделување со вашите пријатели: