На Македонија ѝ треба нова преродба

На Македонија ѝ треба нова преродба
 

Ерол Ризаов

Знаеме кој ќе ги почне преговорите со Европската Унија и кој ќе ги предводи и остварува најтешките етапи од поглавјата што се мерило за успешноста на реформите. Тоа ќе бидат тимовите и институциите предводени од овој владин состав. Но додека се стави конечниот потпис за редовно членство во ЕУ ќе се сменат повеќе влади и парламентарни состави. Не знам уште колку време им треба на нестрпливите, кои везден лелекаат да се вратат на власт, да ја осознаат оваа голема веројатност, но би требало конечно да им текне, ако останало уште грам разум во главите на партиските лидери на опозицијата и тие да ги повикаат граѓаните масовно да излезат на референдум да ја запечатат европската иднина на Македонија.

Ќе бидат избришани од политичката карта на Македонија и тоа ерга омнес, ако не бидат учесници на најзначајниот историски настан од осамостојувањето на Македонија до денес, а според некои историски параметри од АСНОМ до денес. Референдумот со над 90 процени „да“ за Европа и едногласните уставни промени во парламентот се влезот на Македонија во НАТО и во ЕУ, двата најголеми политички, економски и воени сојузи во светот. Тоа е најголемата гаранција за безбедна и просперитетна иднина. Подобра нема.

Тешката работа на опозицијата им ја заврши друг, а и најтешката во спроведување на мачните и болни реформски процеси исто така ќе им ја заврши друг, а тие на готово, ако им останало малку мудрост и политички прагматизам, ќе ја соберат славата од потпишување на договорот за рамноправно членство со ЕУ во Брисел. Обично, тие што ќе ги направат реформите ги губат изборите. Но за да дојдеме дотука треба паралелно со реформите наведени во бриселските поглавија, во Македонија да отпочне нова голема преродба, културна, цивилизациска и социјална револуција за пресметка со заостанатоста, примитивизмот, провинционализмот, популизмот и празноверието. Во нашата земја премиери, претседатели и министри, судии и универзитетски професори одат на бајачки и јасновидци за да им ја претскажат судбината и иднината. Тоа е разбирливо кога тие немаат визија, ни колку бајачите. Премиери и министри одат во црква да видат како иконите ронат солзи за да го излажат народот дека Господ им праќа порака, а не хигиеничарката која истурила повеќе вода кога го миела патосот, па испарувањата прикажуваат плачење на светците од жал до каде стасала заостанатоста на библиска Македонија. Највисоки црковни великодостојници присуствуваа крстејќи се на ова празноверие што со векови се смета за најголемиот непријател на верата и навреда на вистинските верници, дури и кај ортодоксното христијанство. Претседателот на државата како селски туристички водич ја промовира дупката на свети Павле кај Паљурци. Хунзите од под Хималаите, нашите антички возљубеници, ги прогласија за наши потомци, се откажаа од словенското потекло, од темелот на македонската нација... За која Европа зборуваме со ова јаже околу вратот?

Набројувањето на примитивизмот и простотилакот, чии бербатлаци во овие 27 години независност се поголеми од надојдените матни води на Вардар, не можат да ги соберат ни илјадниците книги што лежат во мемла по подрумите на издавачите, за кои режимот на Груевски потроши милиони евра да ја просветли нацијата. Сироти, уште не научија дека нема просветлување во мрак, со крадење и со тиранија, туку само со слобода и работа. Затоа колку и да се значајни не се доволни само реформите во судството и владеење на правото, гонење на носителите на организираниот криминал и корупцијата, кои сè уште успеваат да ја одложуваат правдата со неразумно долги судски процеси. Не се доволни ни реформите на администрацијата, на тајните полициски служби и на целата полиција, ни тектонските промени во образованието, здравството, земјоделството, во економијата и во комплетниот општествен систем кој почива на фабрички грешки. Неопходен е генерален ремонт по тешките хаварии. Претстои огромна работа каде што има место за сите кои сакаат да стават барем еден камен во темелите за иднината на Македонија. Лелекањата и врескањата за содржините на договорот со Грција се губење време кое само нанесува големи штети. Тоа се празни и јалови тажалки кои не нудат никакво решение освен лош губитнички амбиент. Тие анахрони квазипатриотски блебетања треба да се игнорираат оти го снеубавуваат денот и го замаглуваат хоризонтот, ја загадуваат човековата околина.

Колку пати досега сте кажале изненадено кога помина годината. Додека трепнеш летаат годините. Но, не е секогаш така, некогаш часовите и деновите се како години, а месеците како децении. Погодувате, ајде да расчистиме дали е многу или малку што треба да чекаме уште 11 месеци, па да ги почнеме преговорите со ЕУ. По 27 години чмаење во балканската крчма и 11 години живот во режим една неполна година му доаѓа како вселенска брзина. Гледано од тој агол на остварувањето на стратегиските определби како најприоритетни, како што се членство во НАТО и во ЕУ, за што во земјата од првиот ден на независноста има општонароден консензус, уште една година е навистина како трепет на очите.

Кај искрените поддржувачи на евроатлантските интеграции на Македонија страхувањата не доаѓаат од времето, туку од неизвесноста дали работата и домашните задачи ќе ги завршиме, дали противниците кои Македонија не ја гледаат во НАТО и во ЕУ, дома и надвор, нема да предизвикаат немири и нова политичка, безбедносна и економска криза.

Без разлика на неизвесноста, тешките денови и големата работа што престојат, има повеќе причини да бидеме оптимисти и задоволни од последните одлуки на Брисел. Прво, многу јасно и без простор за никакви дилеми, различни толкувања и манипулации е соопштено дека Македонија не само што веднаш ќе ја добие поканата за НАТО, туку штом заврши ратификацијата на одлуката во земјите членки на НАТО, обично, не подолго од една година, ќе стане редовна членка на алијансата. Дали по сите овие сознанија и факти може да се очекува пресврт во односите меѓу политичките партии од власта и од опозицијата и со претседателот на државата, по соопштената покана за членство во НАТО и по најавата дека идната година Македонија ги почнува преговорите со ЕУ? Ако е вистина дека сите имаат иста цел како што тврдат, и власта и опозицијата и претседателот на државата, демек сите се за ЕУ и НАТО, дури и повеќе од актуелната влада, тогаш не би требало да има големи проблеми. Очигледно некој дебело лаже оти кампањата на опозицијата и на претседателот е уривачка и крајно непријателска кон Европа и кон НАТО. Повеќе од 27 години бевме лажени дека може и во НАТО и во ЕУ без компромис и без уставни промени. Не се малку три децении ни за абдали да дознаеме дека сме прелажани. И, сега, пак ни ја продаваат истата приказна. Во ваков амбиент на лаги, омраза и шовинизам би било далеку од умот да се очекува дека опозицијата ја сфати историската димензија на настаните. Добрата вест е дека референдумот ќе ги порази и ќе ги смести таму каде што припаѓаат. Македонија тргна напред со овој товар и со билет само за еден правец. Или ќе стаса до целта или ќе умре по патот. Враќање нема.

Споделување со вашите пријатели: