Иванов – потпишувај, не играј си со државата

Иванов – потпишувај, не играј си со државата
Ерол Ризаов

Претседателот на државата Ѓорге Иванов го има пред себе ратификуваниот договор со Грција изгласан во Собранието на Македонија. Ја има прочитано и веста дека на следниот состанок на НАТО, Македонија е на дневен ред да добие покана за членство на НАТО. Претседателот Иванов е врховен командант на вооружените сили на Република Македонија и добро ги знае позициите на АРМ и на Македонија кон НАТО и партнерските односи, учеството во мисиите на НАТО на македонските војници и старешини и ја знае поддршката што ја добива АРМ од Алијансата. Претседателот Иванов го знае и значењето на членството во Североатлантската алијанса и што значи тоа за стабилноста и безбедноста на Македонија, но и за надминување на опасноста од поделба на државата. Тоа се само неколкуте најсуштествени работи што треба да бидат императив веднаш, без никакво одлагање, да го потпише ратификуваниот договор.

Претседателот Иванов би требало да е свесен за неговата одговорност ако стави вето на иднината на Македонија, особено што и без негов потпис сојузништвото со НАТО е готова работа и ништо не може да ја попречи, освен ако во Грција при ратификацијата во нивниот парламент не се најде оправдување да не се прифати договорот иако е ратификуван поради отсуство на неговиот потпис.

Затоа, претседателе, не размислувајте ниту една минута повеќе - веднаш одобрете го историскиот договор, иако со ништо немате придонесено до дојде до негова реализација. Напротив, направивте сѐ да го оневозможите и да ѝ наштетите на својата татковина од местото претседател на државата, што е случај без преседан во парламентарната историја на Македонија.

Веќе два дена претседателот размислува за една работа за која не смее ни една секунда да се колеба. Западната ориентација на Македонија е во сите развојни документи, собраниски декларации и досегашни договори и сојузи. Иванов нанесува несогледлива штета по угледот на земјата, што еден радосен и историски чин го претовара во дилема, пренесувајќи им на граѓаните крајно лоша порака и сомничавост за нешто за што треба сите да се радуваме, а најмногу тој како врховен командант на вооружените сили и како претседател на државата. Од голема победа се обидува да направи голем пораз. Јавно покажува и докажува дека сите негови заложби за поддршка за членство во НАТО и во ЕУ биле лажни. Сигурно знае, или неодамна разбрал, дека Варшавскиот пакт не постои со децении ако таму умислил да ја зачлени Македонија, па му ја мисли со денови.

Со неговите досегашни активности наместо да застане на чело и да биде најголем поддржувач на евроатлантските интеграции стана најголем попречувач на правдата и владеење на правото во Македонија, несфатливо бранејќи ги осомничените партиски функционери од неговата партија да не одговараат пред судот за сторените тешки кривични дела, како што се нарушување на човековите права и слободи, за злосторнички здруженија, за изборни нерегуларности, за криминал и корупција, уништување на државен и приватен имот, оштетување на буџетот и уште еден куп обвинителни акти. Наместо да дејствува решително и мудро во подобрување на односите меѓу различните етнички заедници во нашето мултиетничко и мултикултурно општество, претседателот Иванов се определи со своите арогантни, противуставни и штетни одлуки да ги поттикнува делбите и да ја разгорува омразата меѓу припадниците на различни народи кои живеат во Македонија. Стави вето на легитимна одлука на парламентот, која вторпат се изгласува од мнозинство пратеници, и не ја потпишува со манифестација на невидена ароганција како да е император, а не претседател на држава со голема одговорност и законски обврски за безбедноста и стабилноста на земјата. Ваквото ин флагранти кршење на Уставот од првиот човек на државата не може да помине неказнето.

Премиерот Зоран Заев приопшти јавно дека ако претседателот го блокира остварувањето на најважните стратегиски и приоритети и државни определби ќе следува импичмент. Не, тоа е грешка, ако го направи ова злодело претседателот, па нека е свети претседател, па поради него да се одложи приемот на Македонија во НАТО, или не дај боже, ако се попречи членството во НАТО, не треба да следи разрешување од функцијата, туку судење за велепредавство. Досега нема случај во историјата на сите европски држави претседател да не потпише ратификација за членство во НАТО на земја, чии граѓани над 70 отсто се определиле за тоа. Во програмите на сите досегашни македонски влади, на сите политички партии, во агендите за работа на сите претседатели, па и на Иванов, е цврсто ставена обврската да се работи предано на тоа Македонија да стане членка на НАТО и на ЕУ, двата најголеми светски воени, економски и политички сојузи. А, Иванов уште размислува дали да потпише историски документ. Брука невидена.

Претседателот проповеда јавно како да е некој мал и амбициозен партиски активист, а не прв човек на државата, дека договорот со Грција е предавство и катастрофа, дека значи губење на националниот идентитет, на јазикот, дека тоа е обезличување на Македонија и триста други измислици кои се директно спротивни од она што го пишува во договорот што го поздрави целиот свет. Од резиденцијата на Водно емитува лоша клима во државата, ги поттикнува насилните протести организирани од врвот на ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателе, земете го веднаш пенкалото во раце и потпишувајте со двете раце. Вашето тактизирање за суштествени државни работи веќе нанесува голема политичка и материјална штета.

Споделување со вашите пријатели: