(ВИДЕО) Иванов: Договорот е штетен за Македонија

(ВИДЕО) Иванов: Договорот е штетен за Македонија
Претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов се обрати во врска со договорот меѓу Грција и Македонија, тој најави дека нема да го потпише договорот и рече дека истиот е штетен за Македонија.

- Владата не смогна сила и храброст за да изградиме заеднички став и консензус. Целиот процес беше нетранспарентен за што сведиочи крајниот резултат. Текстот е поразителен за Република Македонија,  рече Иванов, појаснувајќи дека не се менува само уставното име, туку и преамбулата на Уставот и сите негови членови каде се спомнува Република Македонија.

Прашан дали е достоинствено да се прифатат сите грчки барања и ултиматуми, додавајќи дека со овој договор се отвораат повеќе прашааа отколку што се затвораат и смета дека тој ќе предизвика несогледливи последици  за Македонија и македонскиот народ. ЕУ и НАТО, рече Иванов, не смеат да бидат алиби за штетен договор и тој не го обединува општеството, туку дополнително го поларизира.

- Грција успеа да си ги исполни максималистичките барања, се деградираат стекнатите права во ОН и се погазува заветот на нашите предци. Се погазува 73-годишното право на самоопределување и 27-годишната  независност. Погазено е се што е свето за Република Македонија, истакна Иванов.

На крајот од обраќањето тој повтори дека нема да поддржи и потпише, како што рече, ваков штетен текст на договор.

Тој денеска имаше двеминутна средба со премиерот Зоран Заев и шефот на македонската дипломатија Никола Димитров кои го информираа за постигнатиот договор за името.

Од Кабинетот на претседателот соопштија дека средбата траела две минути и најавија дека во текот на денот тој ќе обрати пред граѓаните.

Со соопштение се огласи и Владата. Оттаму информираа дека премиерот Заев и министерот Димитров имале конструктивен обид за презентација и за дискусија на содржината од договорот, но претседателот Иванов го прекинал и напуштил состанокот и одбил да разговара.

Од Владата ги повикаа сите политички фактори да се обединат околу националните приоритети и да дадат поддршка за просперитетот на граѓаните и за влез на Македонија во НАТО и ЕУ.

Во Владата денеска се одржа и средба меѓу премиерот Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Договорот за името беше обелоденет вчера по телефонскиот разговор што го имаа премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас. Договорот, како што најави премиерот Заев, утре ќе биде разгледан на владина седница, а по неговото потпишување од страна на двајцата премиери, тој треба да биде ратификуван во парламентите на двете држави.

Споделување со вашите пријатели: