Градската болница ќе се сели во Аеродром

Градската болница ќе се сели во Аеродром
Министерството за здравство распишува конкурс за идеен проект за новата градска болница во Скопје. Ќе се гради во општина Аеродром, на местото на сегашниот „Мајчин дом“, кој функционира како ортопедска клиника.

Конкурсот ќе се спроведува преку Електронскиот систем за јавни набавки, а рокот е до 18 овој месец.

- Основната цел на овој проект е да обезбеди идејно решение за функционален објект со современ и модерен изглед, кој ќе ги следи современите трендови во медицината. Изградбата на нова градска болница претставува капитален објект за Град Скопје и затоа сакаме транспарентно да го одбереме најдоброто идејно решение - велат од Министерството за здравство.

Проектите ќе ги оценува комисија составена од архитекти и професори, а сите трудови ќе бидат изложени во јавноста на 26 јули, на денот на одбележувањето на годишнината од скопскиот земјотрес (1963). На најдобрите проекти Министерството за здравство ќе им додели парични награди.

Во Аеродром би се префрлила старата градска болница која сега е во центарот на Скопје. Тука зафаќа простор од 5.000 квадратни метри, а новата локација има 19.000 квадратни метри.

Споделување со вашите пријатели: