Бејли за Франција, Мукаетов за Англија, д-р Митрев за Германија...

Бејли за Франција, Мукаетов за Англија, д-р Митрев за Германија...
Германија и Англија имаат најмногу навивачи меѓу познатите личности во Македонија. Актуелниот бранител на светскиот трон, заедно со Бразил, Шпанија, Франција и Аргентина важи за фаворит и на овој мундијалот, од Англија се очекува конечно да ја пробие бариерата наречена четвртфинале, а Белгија и Хрватска се потенцијални мини од кои може да настрадаат и најмоќните. Светското фудбалско првенство што утре започнува во Русија и ќе трае до 15 јули, со нетрпение се чека и во земјава, иако нашата репрезентација никогаш не била ниту блиску до шанса за настап на некое тoлку големо натпреварување.

Амбасадорот на САД во Скопје, Џес Бејли овојпат нема да може да навива за своите сонародници, затоа што американската репрезентација не успеа да се пласира на натпреварувањето. Тимот на САД на минатото првенство во Јужна Африка стигна до 1/8-финалето каде загуби од Белгија со 2-1 во продолженија. Кога се очекуваше напредок во спортот што нема голема традиција во земјата, следуваше разочарувачки настап во квалификациите со Хондурас, Панама и со Костарика. Амбасадорот, сепак, има резервен фаворит.

Ќе навивам за Франција. Фудбалот го засакав на стадионот во Рен кога го гледав маестро Платини во дресот на Сент Етјен. Тоа беше во 1976 година. Тажен сум што САД не успеаја да се квалификуваат, но, исто така, пласман на шампионатот не обезбедија ниту другите мои фаворити, како Холандија и Турција. Затоа, напред Франција“, вели Бејли за „Независен“. Да потсетиме дека пред доаѓањето на амбасадорското место во Македонија, тој ја вршеше истата функција во Турција.

Живко Муакетов, генерален директор и претседател на УО на „Алкалоид“, важи за голем љубител на спортот. Претседателот на ракометната федерација потенцира дека со задоволство ќе го следи натпреварувањето во Русија.

Од перспектива на човек, кој еден убав дел од својот живот поминал во Лондон и знаејќи колку Британците го почитуваат фудбалот, мојот прв избор ќе биде репрезентацијата на Англија. Моја подршка ќе имаат и репрезентациите на Србија и на Хрватска“, ни изјави Мукаетов.

Поп-пејачката Викторија Лоба, која неодамна доби македонско државјанство е посебно горда што очите на целиот свет ќе бидат вперени кон нејзината прва татковина, Русија. Таа е родена пред 29 години во Таганрог, на Црното море, родното место на славниот писател Чехов. По завршувањето на првото одделение, со мајка ѝ Татјана доаѓаат во Македонија.

Обожувам да гледам фудбал. Секако дека ќе навивам за Русија“, признава Лоба и дополнува дека порано почесто одела во Русија, а сега поретко и тоа најчесто во Москва поради бизнис релации.

Актерот Сашко Коцев вели дека секогаш навива за Германија, која ја брани титулата светски првак освоена на минатото првенство во Јоханесбург.

За Германија ќе навивам и овојпат. Тоа е репрезентација што ме фасцинира. Во последните години во тимот не настапуваат само Германци, има и многу дојденци, но тие се воспитуваат во германски дух и тоа веројатно е тајната на нивниот успех“, смета Коцев. За себе вели дека порано не бил толку пасиониран следбеник на фудбалот, но по емисиите со фудбалската легенда Дарко Панчев, работите се промениле.

Од него научив многу работи, ми ја пренесе страста кон фудбалот“, дополнува Коцев, кој во филмот „Трето полувреме“ на Милчо Манчевски, каде ја толкуваше главната улога, беше најдобиот фудбалер на „Македонија“. Поради тоа, мораше да тренира и фудбал.

За Германија ќе навива и д-р Жан Митрев од причина што голем дел од професионалната надградба ја стекнал во таа држава.

Таму живеев, работев, завршив специјализација, стекнав пракса, па логично е дека ќе навивам за Германија кога веќе Македонија нема да учествува“, вели д-р Митрев.

Водителката Лила Филиповска е деклариран навивач на Реал Мадрид, па затоа со особен интерес ќе ги следи настапите на репрезентациите во чии што редови има фудбалери на „кралскиот тим“.

Јас сум жена што со задоволство следи фудбал. Но, доколку сметате дека штом навивам за Реал Мадрид, мора да навивам и за Шпанија, грешка сте. Шпанија ми е дури трет избор. Омилен играч ми е Марсело, така што најпрво навивам за Бразил, а на второ место ми се Роналдо и Португалија“ објаснува Филиповска.

Пејачот Влатко Лозановски, пак, е верен фан на Манчестер Јунајтед. Поради обврските, не е во можност да ги следи сите натпревари како што било случај во минатото, но за „најважната споредна работа на светот“, мора да се најде време.

Поради љубовта кон Јунајтед, навивам и за англиската фудбалска репрезентација. Но, не мислам дека можат да стигнат до крај. Напротив, за први фаворити ги издвојувам Бразил, Франција и Белгија, која има потенцијал за највисоки дострели. Исто така, ја симпатизирам и Хрватска, има фудбалери што играат за најголемите тимови во светот, ги сметам за фаворити од сенка“, коментира популарниот Лозано.

Спортскиот новинар во „Независен весник“, Сашко Димовски важи за верен навивач на италијанската репрезентација, но и тој ќе мора да оди на опција „Б“, затоа што „азурите“ шокантно испаднаа од Шведска во баражот за пласман на Светското првенство.

Иако со нетрпение го очекувам почетокот на шампионатот, ова првенство ќе биде малку поинакво, бидејќи ја нема мојата омилена репрезентација. Од друга страна, барем ќе можам во мир и без посебни емоции да го проследам турнирот. Како главни фаворити би ги идзвоил Германија, Франција и Шпанија, а од сенка би можела да изненади Белгија, за која мислам дека ќе стигне до самата завршница. Аргентина и Бразил, како што гледате, не ми се на листата на фаворити. Ќе ми биде особено драго и доколку Србија и Хрватска, како единствени претставници на регионот, останат што подолго во Русија. Во секој случај, нѐ очекува еден месец есктра забава со надеж дека ќе проследиме и квалитетен фудбал“, заклучува Димовски.

Горан Адамовски

Споделување со вашите пријатели: