Исцелување

Исцелување
 

 

Румена Бужаровска

 

Многу гласно и многу убедливо зборува минатонеделното прикажување на  дебитантскиот долгометражен филм на Ѓорче Ставрески „Исцелител“ во Градскиот парк, под отворено небо. Да го гледаат филмот дојдоа 6.000 луѓе. Иако знам дека „Исцелител“ исклучително добро пројде кај македонската публика, дека имаше голем интерес за негова гледаност во кино (како што дознавам од неофицијални извори), а доби и позитивни критики и од професионалните критичари, и од јавноста на социјалните мрежи, бројката 6.000 ме изненади и да признаам, некако ме трогна.

Зошто велам дека оваа бројка зборува многу гласно и што, всушност, извикува таа? „Исцелител“ е филм што го отсликува нашето совремие, то ест нашата општествено-политичка реалност. Таа критичка нота кај филмот е повеќе од јасна, бидејќи контекстот во кој се одвива приказната (која сама по себе не е сосема реална) е уверлив и препознатлив. Речиси секој од нас морал посредно или непосредно да помине низ бедата, ужасот и губењето на човечкото достоинство што ни го носи државното здравство. Многумина од нас ја почувствувале безизлезноста на сиромаштијата, која кога ќе се сретне со болеста најчесто води во смрт. Ретко кој од нас, што од очај, што од незнаење, не се соочил со барање алтернативни начини на лекување.

На пример, пред неколку години ги запрашав студентите колкумина од нив биле на бајачка. Дигнаа раце четири-пет од најхрабрите, а потоа како печурки по дожд почнаа да се издигаат сè повеќе и повеќе раце. Пред неколку дена, седејќи со тројца пријатели кои живеат на релација Тирана-Скопје дознав дека на сите од нив им било барано од Албанија да носат некаква лековита нафта за пиење која наводно лечела рак. Исто така, кога еден од моите пријатели заврши на хемотерапија со тешка форма на лимфом, голем број луѓе му се јавуваа и му велеа да пие варова вода за да се излечи. Тоа се само некои од причините зошто овој филм толку силно нè погодува. И секако, уште нешто – не сме малку тие што сме морале да лажеме дека никогаш не сме пробале џоинт за родителите, бабите и дедовците што нè носеле кај бајачки и пропагирале пиење варова вода да не приумрат од шок.

Зачудувачки или не, малку се македонските филмови што се занимаваат со нашите современи проблеми кои се произлезени и обележани од долгогодишната политичка ситуација на стагнација или регрес и секако, од огромна корупција и неправда. Затоа „Исцелител“ луѓето го доживуваат како освежување – како нешто во кое конечно можеме да се препознаеме. Предолго во македонскиот филмски наратив траат ескапизмот, филозофските мистифицирања, релативизацијата на политичката стварност или конечно, историскиот романтизам. Истото важи и за книжевноста. Затоа, неслучајна е големата читаност на новата генерација прозаисти кои ги коментираат безизлезноста и отуѓеноста што ја чувствуваат нивните генерации (за жал, поезијата се чини дека сè уште е заглавена во индивидуалниот романтизам за кој не постои општествен контекст).

Уште едно нешто зборува бројката од 6.000 гледачи на филмот за една вечер, што е индиректно поврзано со етосот на „Исцелител“. Имено, според неодамнешно истражување на Младинскиот отворен форум и Фондацијата „Метаморфозис“, произлегува дека 34 отсто од младите во Македонија никогаш не отишле во кино. Тоа не е и толку чудно ако погледнеме во колку градови има киносали, а и кога ќе ги видиме цените на билетите во киносалите во Скопје (од 150 денари до 290 денари по човек). Замислете си четворочлено семејство да оди во кино, па додадете на тоа и врескање по пуканки, сникерси и кока-коли – ќе добиете трошок од петтина од месечната плата за една вечер. Но еве, нека не си замислуваме дека четворочлено семејство оди во кино. Да си замислиме дека едно девојче оди во кино. И да го земеме запрепастувачкиот податок (според Новинари за човекови права) дека 60 отсто од жените и девојките во руралните средини, и 20 отсто од жените и девојките во урбаните средини, воопшто не можат да си дозволат да си купат влошки и тампони кога имаат менструација. Мислите дека киното им е тогаш приоритет? Секако не.

Па така, имајќи го тој контекст во глава, всушност, контекстот што самиот филм „Исцелител“ ни го слика, едно отворено и бесплатно прикажување на филм кој на луѓето им зборува сочувствително за нивните проблеми, а притоа и успева да ги насмее, и тоа како делува исцелувачки.

И на крај, таа бројка од 6.000 гледачи барем мене ми зборува дека публиката е гладна и жедна – не само за нови содржини, туку и да си го каже ставот. Решавам на ова да гледам позитивно. Решавам во ова да гледам дека на македонската публика ѝ е доста од ескапизам и дека конечно е подготвена да се соочи со сопствените демони.

Споделување со вашите пријатели: