Култура за шиткање

Култура за шиткање
Румена Бужаровска

И јас сум една од многуте што се вознемирени од веста дека Министерството за култура паднало жртва на последните владини пазарења за тоа кој што ќе добие ако учествува во владиното мнозинство.

Една од причините зошто толку се вознемирив или, всушност, се разлутив е безобразлукот со кој тоа беше соопштено во јавноста. Имено, по единаесетте години башибозук и градење извесен култ кон неотчетноста, се чинеше дека протестите и незадоволството што конечно му ставија крај на таквото владеење претпоставуваa и една работа што досега не сме ја виделе на македонската политичка сцена: одговорност. Во најмала рака, признавам дека би сакала да видам барем глумење на одговорност, барем да видам срам од пазарџискиот и произволен начин на кој се носат одлуките.

Но, и тоа го немаше, туку медиумите известија дека во замена за учество во владиното мнозинство, Министерството за култура ѝ се доделува на партијата БЕСА, како да е некоја утешна награда, при што веројатно како „тизер“ беше пуштено името на можниот кандидат за министер за култура, Зеќирија Ибраими. Тука немаше ништо од тоа што би се очекувало од една зрела и одговорна власт, а тоа е објаснување зошто токму тоа министерство ѝ се „шитка“ на таа партија, т.е. кое е незадоволството од работата на министерот Роберт Алаѓозовски и неговиот тим во минатата година за тој да биде разрешен, и зошто токму БЕСА го има капацитетот да раководи со ова министерство.

Наместо за овие прашања да дискутираат тие кои ја донеле одлуката, на социјалните мрежи – кои станаа бедна замена за зрела политичка дебата во медиумите, во недостиг на традиција за истата, а и во недостиг на медиумите кои еден по еден ги убиваше владата на Никола Груевски – се разврза дискусија околу тоа дали Роберт Алаѓозовски бил стручен или не, и дали потенцијалниот кандидат Ибраими во себе имал капацитет да биде министер за култура. За жал, и тука се виде заблудата на пошироката јавност дека може компетентно да зборува за културата (многумина на тој начин се разбираат и во вакцини), нафрлајќи аргументи дека Роберт Алаѓозовски не бил стручен и исто така бил анонимус во полето како Ибраими.

Настрана тоа што тие два аргумента се едноставно неточни и што досега министерот Алаѓозовски прилично транспарентно го водеше Министерството и е од ретките министри кои се одзвале и реагирале на издржаните критики од јавноста, навредливо е за нашата интелигенција Владата да замени министер со друг кандидат кој е помалку стручен и помалку искусен. Конечно, доколку Владата планира да го замени Алаѓозовски, единствениот начин да го направи тоа би било да понуди подобар кадар – кој не мора и не треба да биде партиски – и да објасни како со таквата замена нема да го прекине континуитетот на работа на Министерството и како ќе го спречи хаосот што неизбежно ќе се случи со една таква смена.

Претпоставувам дека при понудата на нов кадар за ова министерство, искуството повторно ќе биде небитно. Тоа е уште еден вознемирувачки тренд во нашето општество: верувањето дека искуството е второстепено за водење на извесен ресор. Претпоставувам дека тоа е оставина уште од создавањето на нашата независна држава, кога добивме премиер што немаше ни триесет години, а и понатаму нашата политичка историја илустрира како неискуството (во пар со младоста) се гледа како нешто позитивно, нешто што ќе донесе „свежина“ (што и да значи тоа) во носењето одлуки, небаре сме средношколци што избираат претседател на клас.

Потегот на Владата да го трампа Министерството за култура укажува на тоа дека за неа културата е небитна. Тој потег укажува дека Владата не ја разбира важноста на културата за државата, и што е најстрашно, тоа не може да го увиди ни по штетата што ја создаде претходната влада. Имено, владата на Груевски барем сфати што сè може да се постигне преку културна политика: перење мозок, перење пари, создавање идеологија, играње со идентитет, јакнење национализам и секако, регрутирање на една многу гласна и видлива фела за вршење пропаганда за свои цели. Претходната влада го создаде монструмот „Скопје 2014“, која оваа влада сега си го гали по влакнестиот грб додека тој мирно дремка.

Но, денешната влада не смее да заборави дека овој архитектонски монструм беше причината поради која јавноста се разбуричка и поради која се појави првото видливо незадоволство, првиот бунт на граѓанството, кој растеше заедно со дегутантно грдите споменици и згради што никнуваа низ центарот на главниот град. Оваа влада не смее да го заборави гневот на културните работници кога се донесе законот за хонорарци, кој претходеше на студентските протести. Оваа влада не смее да заборави ни дека културните работници се јавни личности, дека и нивното дејствување и продукти се јавни, и дека нивната видливост ги прави гласни и влијателни. Културните работници, не смее да се заборави, се гневни и разочарани од традицијата на третирањето на културата како тринаесетто прасе (да ја цитирам актерката и театролог Александра Бошковска), и нема толку лесно повторно да прифатат поигрување со културната политика на државата. Конечно: културните работници очекуваа повеќе – и тоа и ќе го бараат.

Румена Бужаровска

Споделување со вашите пријатели: