Ципрас и Заев разговарале до зори

Ципрас и Заев разговарале до зори
Грчкиот премиер Алексис Ципрас оцени дека на средбите со неговиот македонски колега Зоран Заев, одржани вчера и денеска во Софија е постигнат значителен напредок во врска со прашањето за името. Ципрас откри дека синоќешниот состанок траел до раните утрински часови.

„ Изминавме долг пат за изнаоѓање решение за прашањето со името, но неколку прашања остануваат отворени, па сѐ уште не сме во можност да зборуваме за постигнување договор“, рече претседателот на грчката влада по средбата со Заев.

Нагласувајќи дека станува збор за сложен преговарачки процес, Ципрас најави нова средба со Заев на почетокот на следниот месец и ја пофали работата што  ја направиле министрите за надворешни работи на двете земји, Koѕијас и Димитров. Како што изјавија грчкиот премиер, се разгледува опција, новата средба со Заев да се одржи во Преспа.

Ципрас рече дека е пожелно да се најде решение за името пред состанокот на Европскиот совет кон крајот на јуни, за земјата да добие датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ, но како што рече и да не се најде решение, преговорите меѓу двете земји ќе продолжат.

Сепак, тој внимателно избегна, и покрај многубројните прашања, да зборува за имиња и да даде повеќе информации во врска со содржината на евентуалниот договор.

„Постојат голем број предлози и алтернативи на кои работиме, но ништо не е заклучено, па и самото име",  изјави Ципрас.

(Од нашиот известувач од Софија, Слободанка Јовановска)

Споделување со вашите пријатели: