Вечерва средба на Заев со Макрон

Вечерва средба на Заев со Макрон
Премиерот Зоран Заев ќе вечера сам, додека лидерите на ЕУ заедно со грчкиот премиер Алексис Ципрас за некој час ќе имаат работна вечера која ќе трае до доцна ноќта. Според најавите овде во Софија Заев ќе се сретне со Ципрас утре претпладне а за вечерва е закажана  билатерална средба само со францускиот лидер Емануел  Макрон.

Она што може да биде суштинско е состанокот на лидерите на социјалистичките партии тука во Софија на кој на иста маса ќе се најдат и Заев и грчкиот премиер, што е можност на маргините да го oтворат и прашањето за името.

Претходно, на една од панел дискусиите шефт на дипломатијата Никола Димитров оцени дека ќе биде чудо доколку успееме да го решиме спорот за името со Грција, но чудата се можни  тие ни се потребни денес. Димитров денеска учествуваше на еден од панелите во Софија, заедно со бугарскиот и хрватскиот премиер Бојко Борисов и Андреј Пленковиќ и неговата бугарска колешка Екатерина Захариева.

„Во последниве години гледавме во погрешни векови, но денес сме тука во 2018 година. Македонија загуби генерации чекајќи да мрдне на патот. Го гледаме возот на ЕУ како минува и сакаме да го фатиме", рече Димитров.Според него, по позитивниот извештај од Европската комисија, Македонија со право очекува и добивање датум за почеток на преговори.

„Ќе биде трагедија доколку на Македонија не и се дозволи да ги започне преговорите за пристапување кон ЕУ“, рече Димитров и порача  дека Македонија заслужува признание затоа што се менува.

Пред почетокот на формалната агенда, прес конференција одржа претседателот на Европскиот Совет, Донал Туск, кој нагласи дека самитот со земјите од Западниот Балкан во ваков формат се случува за првпат по 15 години.

Според него тоа ќе биде можност за двете страни да ја реафирмираат европската перспектива на балканските земји и дека членството во ЕУ останува нивна геополитичка перспектива. Според него инвестирањето во инфраструктурата и социо-економскиот развој во регионот е во најдобар интерест на ЕУ. Тоа ке биде целта на овој самит , рече Туск, додавајќи дека се надева овој самит да ги доближи овие земји поблиску до ЕУ. Се што ќе зборуваме денес и утре има глобална димензија, рече Туск, при што не остана незабележано дека ниту на прес конференцијата ниту во нацрт заклучоците од самитот не се споменува зборот проширување, не пак некој рок.

(Од нашиот известувач од Софија, Слободанка Јовановска)

Споделување со вашите пријатели: