Обвинетиот за „Монструм“ се колнеше дека не ги убил момчињата, но даде збунувачки изјави каде бил дента

Обвинетиот за „Монструм“ се колнеше дека не ги убил момчињата, но даде збунувачки изјави каде бил дента
Обвинетиот во случајот „Монструм“, Агим Исмаиловиќ во повторената постапка за петкратното убиство кај Смилковското езеро се колнеше дека не го извршил убиството, но даде збунувачки изјави за тоа каде бил дента, на убиство. „Јас се колнам дека не сум го направил тоа и не сум виновен“, рече Исмаиловиќ.

Иако на рочиштето на првото судење, Исмаиловиќ рекол дека копал канализација во куќата, сега тврдеше дека за време на убиството бил на работа во интернет кафето, дека можеби се молел, па дека не се сеќава точно кај бил.

Обвинителката Фатиме Фетаи и адвокатот на обвинетите Насер Рауфи влегоа во мал конфликт кога Фетаи побара Агим Исмаиловиќ да ја каже адресата на живеење и телефонскиот број на неговиот брат.

Обвинетиот откри дека брат му Африм Исмаиловиќ е во Приштина и дека косовската полиција ја знае точната адреса.

Во присуство на родителите на убиените момчиња и јавноста, во Кривичниот суд денеска почна судењето за случајот „Монструм“, за петкратното убиство кај Смилковското езеро кое се случи пред шест години.

Специјалните обвинители Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски го прочитаа старото обвинение и обвинетите повторно ги товарат за тероризам, но најавија нови докази кои ќе бидат изведени во доказна постапка.

Чинот на убиствата и како се се случило, повторно ги разбуди чувствата на родителите на убиените момчиња кои липаа во судницата. Судењето ќе се води по стариот Закон за кривична постапка, а постапката за првите двајца обвинети, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ ќе се води одвоено, бидејќи и двајцата се во бегство. Судењето продолжува со давање на исказ на останатите обвинети во овој случај.

Шестмината обвинети во овој случај, Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута беа осудени на доживотни казни затвор во првичната судска постапка, но Врховниот суд ги укина првостепените пресуди и сите се бранат од слобода.

Споделување со вашите пријатели: