Албанската опозиција бара итна смена на министерот за внатрешни работи

Албанската опозиција бара итна смена на министерот за внатрешни работи
Албанската опозиција побара под итно разрешување на министерот за внатрешни работи Фатмир Џафај, како „личност одговорна што неговиот брат Агрон Џафај е на слобода“.

Освен оставка на министерот, лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша побара Обвинителството да го конфискува имотот на нрговото семејство, бидејќи се „јасен субјект на законот против мафијата“.

Баша не ги поштеди од обвиненија ни премиерот Еди Рама и државната обвинителка Арта Марку, посочувајќи дека Обвинителството е во служба на премиерот и оти се додека Фатмир Џафај не се откаже од имунитетот на министер и пратеник, истрагите не може да продолжат.

Според Баша, Фатмир Џафај како министер за внатрешни работи го попречувал спроведувањето на законот против мафијата, со кој стекнатиот имот на лица членови на криминални групи се запленува и се води истрага, а доколку се утврди дека е стекнат од криминални активности, тој се конфискува.

- Ова е единствен случај во светот каде министерот одговорен за спроведување на законот против мафија и самиот е субјкет пред законот. Фатмир Џафај треба прв да подлежи на овој закон, треба да се води истрага за сите негови превземени и непревземени активности, како резултат на кои неговиот брат осуден во отсуство во Италија на 7,2 години не минал ни ден во затвор. Затоа тој треба да си замине веднаш, побара Баша.

По се почестите критики на адреса на министерот Џафај дека го брани сопствениот брат, кој иако осуден за трговија со дрога од италијански суд слободно живее во Албанија, дел од медиумите објавија дека поднел оставка, но веста веднаш беше демантирана од неговиот кабинет.

Споделување со вашите пријатели: