Штипските студенти и администрацијата учеа како да пријават корупција

Штипските студенти и администрацијата учеа како да пријават корупција
Барањето на професорите да им се купи учебникот, плаќањето испит под рака или барањето сексуални услуги за полагање испит, се потешките видови корупција што ги посочиле студентите во истражувањето на професорот Миша Докмановиќ од Универзтитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

Докмановиќ денеска ги обучуваше студентите и администрацијата на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ како да ја сузбијат корупцијата во високообразовните институции. Рече дека и по две години од донесувањето на Законот за свиркачи, нема ниту еден случај на корупција пријавен во Државната комисија. Причината за тоа, оцени професорот, е недоволната информираност на граѓаните за Законот.

- Законот за укажување или популарно наречен за свиркачи на универзитетите им наложува да назначат лице на кое студентите и вработените ќе можат да укажат на корупција во нивните редови. Законот овозможува свиркачите да бидат заштитени во институцијата, да извршат заштитено внатрешно пријавување кај овластено лице во институцијата која не мора да биде само Универзитет, туку и орган на локална управа, министерство, полиција, рече професорот Миша Докмановиќ од Универзтитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

Вакви обуки на вработените во високообразовните институции треба да се реализираат и во Битола, Тетово и Скопје.

Споделување со вашите пријатели: