Стевчо Јакимовски зел кредит за нови улици, а го потрошил за долгови

Стевчо Јакимовски зел кредит  за нови улици, а го потрошил за долгови
Ексградоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски во 2014 година подигнал наменски кредит од 2,6 милиони евра за нови инфраструктурни проекти, а парите ги потрошил за покривање долгови. На кошаркарскиот клуб „Карпош Соколи“ во 2016 година му исплатил 618 илјади евра, без притоа од клубот да достават црно на бело за што ги трошеле парите. Општината со многу субјекти кои финансиски ги помагала, не склучувала никакви договори. Се носеле одлуки без неопходните согласности од Советот на Општината.

Ова е само дел од низата неправилности, кои Државниот завод за ревизија ги констатирал за работењето на поранешниот градоначалникот во текот на 2016 година. Ревизорите самоиницијативно влегле да ја „чешлаат“ Општината, а извештајот иако е готов, тој сѐ уште не е поставен на официјалната веб страна на ДЗР, што е вообичаена пракса.

„Ревизорите не изразиле мислење по ревизијата што значи се квалификува дека финансиско-материјалното работење на Општината е на најниско можно ниво“, информираше денеска актуелниот градоначалник на Карпош, Стефан Богоев. Не посочи конкретно дали и колкава сума општински пари биле ненаменски потрошени во периодот на направената ревизија, но истакна дека постои материјал за обвиненија против екс-градоначалникот по неколку основи.

Богоев извештајот утринава го доставил и до Основното јавно обвинителство и до Управата за финансиска полиција, со цел, како што истакна, да се утврди одговорност за сите нерегуларности и повреди на законските одредби констатирани од страна на овластениот државен ревизор и ревизорскиот тим.

„Вкупниот долг на Карпош е 18 милиони евра, но, ДЗР посочува дека покрај главниот долг, кој најчесто потекнува од минати години 2012-2015, Општината должи и големи суми за дополнителни трошоци како адвокатски, нотарски, трошоци за извршител, процесни и парнични трошоци. Со овие дополнителни трошоци и обидот ‘да се купи‘ време и да не се подмират обврските, само дополнително се оптоварувал Буџетот на Општината за камати и трошоци, и е постигнат ефект на нерационално трошење на средствата“, нагласи Богоев. Тој посочи дека кога станува збор за ненаменското и неоправдано трошење на буџетските средства, пари на граѓаните, ДЗР посочил повеќе сериозни забелешки преку кои јасно се гледа дека се доделувале средства на повеќе организации, здруженија на граѓани, поединци и правни лица кои не давале финансиски извештаи, фактури за начинот на кој ги потрошиле доделените средства.

Градоначалникот Богоев посочи дека со денешното доставување на Извештајот до Основното јавно обвинителство, Општината јасно ја покажа својата волја за целосно расчистување со констатираното незаконско работење во Карпош, но и за целосно постапување по препораките на ДЗР.

„Општината е подготвена да соработува и со сите други органи и институции, за сите инволвирани страни да одговораат за своите постапки  и злоупотреби. Соработувавме со Уставниот суд на полето на урбанистичкото планирање, манифестираме јавна подготвеност за зголемена соработка и со Основното јавно обвинителство. Бараме одговорност, час поскоро! Секое кривично дело, секоја законска повреда имаат име и презиме“, истакна Богоев, кој потенцираше дека во случајов не прави ништо од лични побуди или против некого, туку ја исполнува ветената обврска пред карпошани. (Д.Т.Д.)

 

Споделување со вашите пријатели: