Интервју со Зоран Димов, Комора на извршители: Извршувањето 99 отсто е во полза на граѓаните

Интервју со Зоран Димов, Комора на извршители: Извршувањето 99 отсто е во полза на граѓаните
Граѓани, невладини организации, синдикати и експерти бараат мораториум на извршувањето, деблокада на сметките, ревизија на работењето на извршителите, дури и враќање на извршувањето во судовите. Како за една деценија функционирање, оваа јавна дејност дојде до ова дереџе?

Ние постапуваме врз основа на извршни и правосилни пресуди, извршителот нема право да одбие. Согласно Законот за платен промет, налогот за извршување е и налог за наплата. Извршителите се најконтролирана професија, ги контролира министерот за правда, претседателот на судот, јавен обвинител, претседателот на Комората, омбудсманот. Законот за извршување има едукативна цел, која ја има исполнето, зашто најголемиот дел од граѓаните ги плаќаат обврските. Минимален број доаѓаат во системот на извршување. Присилната цел на законот за извршување се врши врз оние граѓани кои не сакаат да ги платат обврските. Над 14 милиони сметки се издаваат годишно во државата за струја, вода, телефонија, парно, од кои на извршување доаѓаат само 120.000, и тоа во годината кога имаше најмногу 2016, што е околу еден отсто од граѓаните. Што се однесува до заштитата на граѓаните, склучивме меморандум со Министерство за труд и социјала, ни го отворија регистарот на социјални случаи. Сакаме да им помогнеме на граѓаните, но на оние кои ги плаќаат обврските.

Не ми одговоривте како стигнавте до ниво да се бара враќање на извршувањето во судот?

-Сметам дека резултатите на работењето тоа не го покажуваат. Извршувањето може да се врати во судот само доколку покажува слаби резултати. Основна цел на секоја држава е да ги наплати побарувањата. Извршителите тоа го постигнаа. Во 2017 извршителите имаат рекорд, имаат наплатено 166 милиони евра, односно толку се вратени на доверителите. Во износот влегува главниот долг, каматата, адвокатските, нотарските и трошоците на извршителите. Од нив, 112 милиони евра се извршени од правни лица, 11 милиони евра од Буџет и 32 милиони евра од граѓани. Извршувањето премина во приватни раце, заради тоа што во судовите се извршуваше максимум 4 отсто од поднесените предмети. Вака првата година процентот на извршување беше 47 отсто, сега е паднат и изнесува нешто над 30 отсто.

Може да се гледа и од аспект дека 32 милиони евра се земени од граѓаните?

-А, ќе има ли разлика ако извршувањето се врати во судовите. Не се извршителите ѓаволи. А, може и вие да гледате од аспект на доверител?

-Точно, извршителите работат во интерес на граѓаните. Затоа побаравме во реформите на правосудството измена на Законот за платен промет. Не знаеме на која сметка граѓанинот има пари. Доколку блокираме некоја сметка на која не му се, извршителот чека граѓанинот да напише налог да му се префрлат парите од сметката каде има пари. Ние предложивме по автоматизам да се земаат пари од сметката каде има пари, за да нема блокада на сите сметки. Следно, во поранешна СФРЈ имаше Закон за облигации според кој каматата тече до висина на главниот долг. Тогаш беше така заради инфлацијата, сега, кај нас ова може да се воведе заради сиромаштијата, да се однесува на комуналните сметки.

Кој е заштитен ако 10 од вкупно 101 извршител во 2016 ќариле 1,1 милион евра, при што првиот имал приход од над половина милион евра а добивката му била 267.000 евра?

-Не е виновен извршителот што ги земал. Ние баравме рамномерна распределба кај сите нотари на предметите од државните претпријатија, но со одлука на Уставниот суд рамномерноста е укината заради пазарни законитости. Ние не сме виновни што одредени директори на ЈП, пред стапување во сила на законот во 2016, им пуштија на одреден број извршители огромен број предмети. Тоа се само 10 отсто од извршителите. Другите 90 отсто од извршителите ни приближно немаат такви резултати. Некои извршители можно е да се откажат од професијата затоа што не можат да остварат приходи. Имаа и нотарите негативни завршни сметки, имаа и извршителите.

Колку предлози за поведување постапка до Комората покренало Министерството за правда лани?

-Во 2016 покрена повеќе, лани три, и сите завршија со осудителна одлука.

Максималната казна е 5.000 евра што во следната постапка извршителот може да ги врати.

-Но, 5.000 евра не е мала казна. Имаме и еден разрешен извршител.

Не е проблем кога извршителите наплатуваат по процедура. Беа обелоденети куп случаи каде со извршувањето 10, 20 кратно е зголемен износот на основниот долг?

-Тоа се изолирани случаи. Откако сум јас претседател на Комората, такви работи не поддржуваме. Во секоја професија може да се јави. Затоа советуваме, најдобро е граѓаните да ги платат обврските веднаш штом ќе го добијат платниот налог за да влезат во системот на извршување. Пред да биде тужен, граѓанинот во сметката добива опомена, бесплатна. Нема тужење пред три сметки, значи има три опомени. Се уфрлуваат агенции кои им се јавуваат на должниците. Ако пак не плати, предлогот оди кај нотар, кој го информира, а должникот пак не плаќа и добива платен налог од нотарот кој не го исплаќа. Дури тогаш влегува во системот на извршување и ги зголемува трошоците.

На протестот пред Комората граѓани извикуваа: „Почнува ловот на корумпирани извршители“, „Пљачка“, „Рекет“. Во Македонија, на сите јазици, извршител е синоним за лихвар. Точна ли е тезата дека извршувањето е самоволие дозволено со закон?

-Тоа е голема навреда за извршителите. Со сите средства се напаѓаат, им се закануваат заради вршење на професија. Извршителот мора да прифати барање за извршување. Ние на многу луѓе им даваме да платат на рати, ако најдеме друго средство на извршување одиме на полесно средство. Има само 88.000 луѓе што се блокирани, од кои годинава е намален бројот за 1.800 луѓе, и не блокираат само извршителите туку и други институции.

Не навредуваат и не нарекуваат криминалци, луѓе со високо образование, кои биле судии, кои биле обвинители, луѓе кои се еснафи. Законот за извршители е со европско знаме, прогласен за најреформски закон. Ви поставувам прашање, професија која вратила 166 милиони евра за една година во државата дали е професија што секој може да ја омаловажува?

Овие 88.000 граѓани се надвор од системот...

-Ако се тие сите од загрозени категории тогаш како е можно од нив да се наплатени 32 милиони евра? Дали може од луѓе што немаат сметки да се наплати? Тоа се луѓе што не сакаат да платат. Оние кои се социјални случаи не ги извршуваме. За нив, пред да дојде до блокирање на сметка, бараме податок од регистарот на труд и социјала. До промена на статус, тие се надвор од системот на извршување.

Актуелната политичка гарнитура ве стави во предизборна кампања, ама сега бавно оди реформата?

-Нас не ставаат сите политички партии во кампања, што е лошо. Но, никогаш ни една не рекла дека нема да бара пари од должниците. Ако политичката партија ги гледа само првите извршители, тогаш тоа треба да се реши така што ќе се направи друг систем на извршување.

Во Македонија 453.200 граѓани живеат под прагот на сиромаштија. Како може најслабите да се борат со извршителите?

-Ниедна пресуда не вели дека се бара наплата од најслабиот. Извршителот е последната инстанца. Овој систем е многу ефикасен, функционира во Холандија. Оние што протестираа пред Комората, сите имаа мобилни телефони. Дали треба да не му платат на Телеком?

Наплатувате ли од починати лица?

-Не, и не ни можеме. Може да се случи ако е тужено лицето, имало за него платен налог, во судот го објавиле на огласна табла зашто не го нашле дома, не се јавил. По 15 дена станува правосилно и извршно. Доаѓа кај нас. Кога одиме на лице место, ако е починато лицето, носиме заклучок за прекин на извршување. Ако ги знаеме наследниците, решението за извршување се префрла врз нив. Ги бараме, прашуваме кој е законски наследник. Склучивме договор со Министерство за правда , и тие ни го отворија регистарот, можеме без дополнителни трошоци да утврдиме дали некое лице е починато и дали има наследници. Ако има решение за наследување, тогаш продолжуваме кон наследниците, соодветно на имотот што го наследиле. Ако нема, чекаме да дојде до решение за наследување. Ако е долгот поголем од имотот, ќе платат помалку.

 

Анита Слатировска

фото: Борис Грданоски

Споделување со вашите пријатели: