Реакција на Комората на извршители; „Нечесно е да не се врати кредит“

Реакција на Комората на извршители; „Нечесно е да не се врати кредит“
-Во Македонија, впрочем како и насекаде, за повеќето граѓани и фирми да се земе, да се потроши нешто, да се искористи нечија услуга, да се подигне кредит и.т.н, а да не се плати нештото или услугата или да не се врати кредитот е нечесно, се вели во реакцијата на Комората на извршители на Македонија, на текстот објавен во „Независен весник“, на 19 март 2018 година, под наслов „Се спрема социјален бунт против извршителите“.

Од Комората посочуваат на податокот што го објавивме дека се блокирани сметки на 80.462 лица, во однос на 1.635.544 вкупен број на сметки на физички лица. Според тоа, како што наведуваат извршителите, сметките им се блокирани на 4,93 проценти граѓани.

„Воедно, другиот податок дека во 2016 година биле блокирани 82.263 депоненти, а во 2017 година за 1.801 лица помалку, односно 80.462 лица, зборува дека бројот на оние кои сами си ги плаќаат своите сметки, значи без извршител, се зголемил, а со тоа пораснала и финансиската дисциплина на граѓаните“, наведуваат од Комората.

Потоа во реакцијата се нагласува: „На самиот почеток на текстот на кој реагираме меѓудругото се вели: ... со блокирањето на трансакциските сметки не се почитува законската регулатива. Посочувајќи на Законот за платен промет, овие здруженија како аргумент го наведуваат тоа дека единствено носителот на платниот промет е должен да носи решенија за присилна наплата, а тоа е Управата за јавни приходи. Никој друг, според посоченото, нема законско овластување да донесува решенија за присилна наплата. Извршителите се лица со јавни овластувања, дадени со закон, тие можат да вршат присилно извршување, но не и присилна наплата. Извршителите поднесуваат налог или барање за извршување до носителот на платниот промет, но не поднесуваат решение за присилна наплата.“

Ова, според Комората на извршители, најблаго речено е неточно и спротивно на закон, а што би рекле уште старите Римјани Ignorantio iuris nocet или „незнаењето на правото штети“.

„И вашите читатели ги доведува во заблуда, а со тоа и до евентуални идни штети непотребно да плаќаат зголемени трошоци на извршувањето, непотребни судски такси и секако камати за периодот до целосна исплата на долгот. Имено, членот 2 од Законот за платен промет („Сл.весник на РМ“ бр.113/07, 22/08, 159/08, 133/09 и 145/10) а во кој се дадени дефинициите на употребените поими во законот во точката 10) дефинира дека „решение за присилна наплата е налог за извршување од извршител, правосилна судска одлука за дозвола за извршување, извршно решение за наплата на јавни давачки или решение на други органи овластени со закон, “ нагласуваат извршителите.

„Независен весник“, во текстот „Се спрема социјален бунт против извршителите“, објави дека неколку граѓански и синдикални здруженија најавуваат протести против извршителите посочувајќи дека тие предизвикале финансиски „геноцид“ на близу 200 илјади граѓани во земјава. Здруженијата „Но пасаран“, „Гласен текстилец“, „Човекот над профитот“ и Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија се обратиле со иницијативи до повеќе надлежни институции посочувајќи дека со блокирањето на трансакциските сметки не се почитува законската регулатива. Посочувајќи на Законот за платен промет, овие здруженија како аргумент го наведуваат тоа дека единствено носителот на платниот промет е должен да носи решенија за присилна наплата, а тоа е Управата за јавни приходи.

Споделување со вашите пријатели: