Се спрема социјален бунт против извршителите

Се спрема социјален бунт против извршителите
Неколку граѓански и синдикални здруженија најавуваат наскоро протести против извршителите посочувајќи дека тие предизвикале финансиски „геноцид“ на близу 200 илјади граѓани во земјава, додека државата, како што се наведува, е соучесник во осиромашувањето и ограбувањето на граѓаните на кои им се блокираат сметките.

Здруженијата „Но пасаран“, „Гласен текстилец“, „Човекот над профитот“ и Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија се обратиле со иницијативи до повеќе надлежни институции посочувајќи дека со блокирањето на трансакциските сметки не се почитува законската регулатива. Посочувајќи на Законот за платен промет, овие здруженија како аргумент го наведуваат тоа дека единствено носителот на платниот промет е должен да носи решенија за присилна наплата, а тоа е Управата за јавни приходи.

Никој друг, според посоченото, нема законско овластување да донесува решенија за присилна наплата. Извршителите се лица со јавни овластувања, дадени со закон, тие можат да вршат присилно извршување, но не и присилна наплата. Извршителите поднесуваат налог или барање за извршување до носителот на платниот промет, но не поднесуваат решение за присилна наплата. Во Законот за платниот промет, како што е наведено, јасно стои дека се бара донесување решение за присилна наплата, а не налог за извршување што извршителите го доставуваат до носителите на платниот промет, по кој тие незаконски постапуваат блокирајќи ги трансакциските сметки на граѓаните.

Левичарските здруженија исто така посочуваат дека државата со продажба на една даночна обврзница може да обезбеди бескаматно кредитирање на долговите на граѓаните чии сметки се блокирани, кога веќе може да зема кредит за деблокирање на сметките на задолжените општини.

Здруженијата „Но пасаран“, „Гласен текстилец“, „Човекот над профитот“ и Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија се обратиле, меѓу другото, до собраниската Законодавно-правна комисија со барање за автентично толкување на членот 21 став еден од Законот за платен промет. Од Собранието се бара да даде толкување дека терминот присилна наплата не е исто што и присилно извршување. Според посочениот член 21, носителот на платниот промет е должен да ги извршува решенијата за присилна наплата во согласност со закон. Решенија за присилна наплата, како што е наведено, донесува: УЈП, според Законот за даночна постапка и општинските даночни администрации, односно градоначалниците на општините и градоначалникот на град Скопје, според Законот за даноците на имот. Никој друг нема законско овластување да донесува решенија за присилна наплата.Иницијаторите на автентичното толкување посочуваат дека за оваа точка да се најде на дневен ред во Собранието им е потребна асистенција од барем еден пратеник, кој би се јавил како предлагач. За тоа очекуваат да обезбедат поддршка во текот на денешниот ден.

Со посочување дека извршителите не смеат да вршат присилна наплата, здруженијата се обратиле и до Министерството за финансии, Народната банка на Македонија, Националниот совет за платни системи и до Здружението за банкарство при Стопанската комора на Македонија. Во Уставниот суд, пак, е покрената иницијатива за оценување на уставноста на членот 46 од Законот за извршување. Притоа се спорат ставовите кои, како што е оценето, им овозможуваат на извршителите за една иста работа да наплатат двојно, еднаш како надоместок за администрирање, а вторпат како награда за спроведени дејствија. Со втората иницијатива до Уставниот суд, пак, се бара оценување на уставноста на членот 32 од Законот за извршување, според која бројката на извршители на подрачјето на основниот суд ја определува министерот врз основа на согласност од Владата и мислење од претседателот на основниот суд за бројот на правосилните и извршните одлуки на основниот суд, од Нотарската комора и од Комората на извршители. Според подносителите на иницијативата, оваа одредба е спротивна на членот 55 од Уставот, каде што е наведено дека се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, така што државата обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување. (А.М.М.)

Блокирани 80.462 граѓани

Податоците на Народна банка покажуваат дека на крајот на декември 2017 1.635.544 физички лица поседувале трансакциска сметка. Од нив, 80.462 лица имале блокирани сметки.

На крајот на 2016 година биле блокирани 82.263 депоненти.

Споделување со вашите пријатели: