Последна македонска офанзива пред априлскиот извештај на ЕУ

Последна македонска офанзива пред априлскиот извештај на ЕУ
- Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи попладнево оствари средба со дипломатските претставници на земјите членки на ЕУ задолжени за Западниот Балкан.

По средбите во Европската комисија утрово, Османи се сретна и со дипломатите од Советот на ЕУ, кои исто така ги информирал за текот на реформите во Македонија, како и за другите политички прашања, како што е спорот за името со Грција, но и политичкиот дијалог со опозицијата.

Македонски дипломатски извори за МИА изјавија дека средбата поминала во „многу позитивна атмосфера“.

Најголема поддршка за старт на преговори искажале шпанскиот и италијанскиот претставник.

Ова е последна дипломатска офанзива од македонска страна пред затворањето и објавувањето на извештајот на ЕК за напредокот на Македонија на 17 април, и прилика за македонската страна да ги изложи своите аргументи за добивање неусловена препорака за старт на преговори со ЕУ.

Османи по средбите во Европската комисија објасни дека времето кое преостанува е кусо.

- Извештајот се затвора на 21 март и имаме уште неколку дена за испорачување мерки, за да влијаеме, потенцира Османи.

Со претставниците на ЕК утрово се разговарало за планот 3-6-9, кој Османи смета дека се наоѓа во „напредната фаза“. Тој додаде дека рокот за завршување на делот 9 е 17 април кога и конечно се затвора извештајот.

- Тоа што е останато како задоцнета мерка е делот од пакетот мерки кои се преговараат меѓу власта и опозицијата. А тоа е делот за правосудството, законот за заштита на сведоци, законот за судови, законот за Судски совет. Делови кои бараат двотретинско мнозинство. Законот за заштита на сведоци не бара двотретинско, но бидејќи е сензитивен сакавме да ја вклучиме опозицијата. Потоа безбедносните служби исто така се дел од разговорите со опозицијата, формирањето на ОТА, законот за финансирање на политичките партии, и изборната реформа е дел исто така. Има првичен договор да се врати старото решение, но долгорочните планови е ДИК да стане професионално тело, а политичките претставници да се вклучат шест месеци пред секои избори, изјави Османи за МИА.

Вицепремиерот им порачал на неговите соговорници дека за спроведувањето на духот на реформите е од голема важност да се одржи европската перспектива.

- Колку е појасна перспективата, толку луѓето се однесуваат повеќе согласно тие стандарди. Политичката криза ни се случи како резултат на бледнеењето на перспективата, изјави Османи.

Споделување со вашите пријатели: