Османи: Амандманите од ВМРО - ДПМНЕ се со цел физичко спречување на Законот за јазици

Османи: Амандманите од ВМРО - ДПМНЕ се со цел физичко спречување на Законот за јазици
Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, по средбите во Европската Комисија изјави дека не се сомнева во уставноста на Законот за јазици и дека Владата самоиницијативно ќе го испрати до Венецијанската Комисија за проверка.

Османи во Брисел имаше средби со високи претставници на ЕК во пресрет на европскиот извештај кој го оценува реформскиот напредок на Македонија и треба да биде објавен во април.

Османи смета дека блокадите од страна на опозицијата во однос на Законот за јазици имаат партиска позадина.

- Овој закон е прво усогласен со ВМРО-ДПМНЕ пред да биде усогласен со СДСМ. Фактот дека даваат 36.000 амандмани од кои 30.000 се за казните – дали ќе биде едно евро, две евра, до 30.000 евра колку да ги покријат амандманите, е со цел физичко спречување на законот, а не за аргументирана дебата за законот. Ние не го носиме овој закон преку ноќ. Девет месеци дебатираме во јавноста по однос на законот. Два пати е усвоен од страна на Собранието со мнозинство од 69 пратеници, рече вицепремиерот.

Османи изјави дека не се сомнева во уставноста на законот, и дека веќе се повлечени одредбите кои се однесуваат на употребата на јазикот на банкнотите и униформите во одбрана, во согласнот со мислење на Венецијанската комисија. Вицепремиерот додаде дека кога ќе биде Законот усвоен тој ќе биде повторно испратен до Комисијата за мислење во целост, но и дека секој има право да се обрати до Уставниот Суд доколку се сомнева во уставноста на законот.

- Оваа хистерија има само партиска деструктивна агенда во еден историски момент за државата, изјави Османи.

Османи додаде дека „патот на Македонија до ЕУ поминува преку Охрид“ и дека законот за јазиците произлегува од Охридскиот рамковен договор.

Осврнувајќи се на забелешките на Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Муижниекс, за етничката сегрегација во училиштата во Македонија, Османи тврди дека ова прашање исто така ќе може да се реши штом биде донесен Законот за јазици.

- Во моментот кога ќе се дозволи законска рамка за употреба на јазикот, Албанците многу порелаксирано ќе го научат македонскиот бидејќи нема да се чувствуваат загрозено дека некој им го попречува правото, изјави вицепремиерот Османи.

Споделување со вашите пријатели: