Амандманите на ВМРО-ДПМНЕ, најверојатно, ќе бидат одбиени

Амандманите на ВМРО-ДПМНЕ, најверојатно, ќе бидат одбиени
Близу 36 илјади амандмани што ВМРО-ДПМНЕ ги поднесе за Законот за употреба на јазиците во трето читање најверојатно ќе бидат одбиени на утрешното продолжение на 32. собраниска седница, според информации на „Независен весник“.

Тоа, според информациите, го навестил спикерот Талат Џафери на денешната координација во парламентот, на која не присуствувал претставник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Амандманите, според проценките, би биле одбиени со образложение дека со секој од нив се спори уставноста на Законот за јазици, а дека парламентот во оваа фаза нема надлежност да оценува дали законите се во согласност со Уставот.

Очекувањата се дека, по отфрлањето на амандманите, Законот директно ќе биде донесен по вторпат со апсолутно мнозинство, по што претседателот Ѓорге Иванов има обврска да го потпише указот за негово стапување на сила.

Неизвесно е засега како ќе реагира опозицијата доколку се потврдат информациите за прескокнување на амандманската расправа.

Продолжението на 32. собранискатата седница треба да биде закажано за утре, со почеток во 13 часот.

ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе бара судска разврска ако биде прескокната амандманската расправа за Законот кој е дел од преткоалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев  не прецизира денеска како ќе постапи опозицијата доколку бидат отфрлени нејзините амандмани.

-Не сакам да верувам дека ќе има гласање без да се разгледаат амандманите поднесени од ВМРО-ДПМНЕ. Уверен сум дека ќе се почитуваат Деловникот и Уставот. Амандманите мора да се разгледаат, вели Данев.

Тој најави присуство на ВМРО-ДПМНЕ на утрешната седница, доколку биде закажана, со цел да ги образложат амандманите.

Премиерот Зоран Заев изјави деновиве дека очекува оваа седмица да се затвори ова прашање, откако претходно посочи дека расправата за десетиците илјади амандмани на опозицијата би можела да трае и половина година, што би значело блокада на реформскиот процес.  (А.М.М.)

Споделување со вашите пријатели: