Алехандро Алваргонзалес: НАТО ќе помогне Македонија да успее

Алехандро Алваргонзалес: НАТО ќе помогне Македонија да успее
Само што се вративте од Македонија. Кои се вашите проценки за демократските промени во земјата и дали е потребно да се исполнат некои други услови за членство, освен спорот за името?

- Имав многу корисна посета на Скопје заедно со заменик-директорот на Европската комисија за соседството и за проширување (ГД НЕАР). Имавме искрена и продуктивна размена на мислења со вашите власти и со граѓанското општество. Овие посети се јасен знак за посветеноста на НАТО на нашиот меѓусебен дијалог и за нашата поддршка околу напредокот на вашата земја.

За време на посетата истакнав дека реформите се важни за нив самите, но и за доброто на сите граѓани. Секогаш ќе има пречки - но тие можат да се надминат со напорна работа и посветеност. Видовме напредок во зајакнувањето на владеењето на правото и на демократските институции. Оваа работа мора да продолжи. Ги охрабрив сите засегнати страни да се вклучат во отворен и конструктивен дијалог и да работат заедно на политичките и економските реформи. И пренесов дека ќе продолжиме да работиме со вашата влада за да бидат успешни вашите аспирации за членство.

Има информација дека некои членки на НАТО не се расположени за проширување, односно не се сигурни дека на НАТО му треба Македонија како членка. Од друга страна, во Македонија постои мислење дека приемот ќе биде автоматски кога ќе го решиме проблемот со името. Каква е вистинската ситуација?

- Сите наши сојузници јасно кажаа дека вратата на НАТО останува отворена. Пристапот на Црна Гора минатата година го покажа ова. Политиката на отворени врати е еден од нашите големи успеси. Евроатлантската интеграција ги унапредува демократските вредности, реформите и почитувањето на владеењето на правото. Таа обезбедува пат кон стабилноста и ја зајакнува колективната безбедност. Последните рунди на проширување ја зајакнаа нашата безбедност и безбедноста на целиот евроатлантски регион.

Ние сме посветени на поддржувањето на вашата земја на патот кон членство во НАТО. Сојузниците се согласија дека НАТО ќе ја покани вашата земја да се приклучи на Алијансата откако ќе се постигне заемно прифатливо решение за спорот за името во рамките на ОН. Сакаме да успеете во вашите аспирации за членство и во вашите реформски процеси. НАТО е сојуз на вредности, и континуираниот напредок кон зајакнување на демократските институции и владеењето на правото е многу важен.

По ентузијазмот на почетокот, се чини дека преговорите со Грција се движат во погрешна насока. Премногу прашања се отворени како проблематични, што го прави решението тешко, па дури и нереално. Како НАТО ќе придонесе за овој процес? Или само ќе гледате?

- Мислам дека неодамнешниот напредок околу прашањето за името е охрабрувачки и позитивен знак, и силно ги охрабруваме понатамошните напори за изнаоѓање решение. НАТО не е дел од овие преговори, но ние сме посветени да ги поддржуваме вашите аспирации и реформските напори. Ние работиме со вашата влада веќе неколку години во рамките на Акцискиот план за членство (МАП). МАП останува важно и многу корисно средство за реформи кое ја зајакнува безбедноста на вашата земја.

Дали се плашите дека Букурешт ќе се повтори?

- Решавањето на спорот за името е единствениот начин за влез во НАТО, но евентуалното пристапување, исто така, ќе зависи од исполнувањето на ефективни реформи. Затоа ги поттикнуваме вашите власти да продолжат со неопходните реформи. Сето ова ќе биде разгледано од страна на сојузниците на НАТО кога ќе ја донесат својата одлука за членство.

Колку руските поплаки влијаат на политиката на НАТО кон Македонија и кон балканскиот регион?

- НАТО-алијансата е ангажирана повеќе од две децении во Западен Балкан помагајќи да се изгради поголема стабилност за земјите и заедниците во регионот. Ние ќе продолжиме тесно да соработуваме со Западен Балкан за да ги одржиме и промовираме регионалниот и меѓународниот мир и безбедност. Ова е во интерес на сите.

Членството во НАТО не им се наметнува на земјите. НАТО го почитува правото на секоја земја да избере свои безбедносни аранжмани. Секоја земја има право самата да избере дали ќе се придружи на некој договор или сојуз.

Одлуките за проширување, пак, се на НАТО. Не постои трета земја која има право да се меша во овој процес. Ние остануваме целосно посветени на интеграцијата на земјите што се стремат да се приклучат кон Алијансата, судејќи ја секоја по сопствените заслуги.

Дали гледате какви било закани за безбедноста на Македонија и на регионот? Дали неговото стабилизирање е сѐ уште незавршена работа?

- Западен Балкан е регион од стратегиско значење за НАТО. Стабилноста и безбедноста во овој регион придонесуваат кон стабилноста и безбедноста во Европа. Екстремизмот, организираниот криминал, безбедноста на границите, природните катастрофи - ова се грижи што сите ги споделуваме. НАТО има силен резултат во помагањето да му се обезбеди поголема стабилност на Западниот Балкан. Нашето присуство го направи регионот побезбеден и постабилен. Имаме канцеларии во Скопје, Сараево и Белград, кои промовираат политички дијалог и практична соработка. Нашите војници во КФОР го одржуваат мирот во Косово од 1999 година. Без оглед дали сакаат да влезат во НАТО, решени сме да им помогнеме на земјите од регионот да спроведат важни реформи во корист на своите граѓани и за нашата колективна безбедност.

Слободанка Јовановска

Споделување со вашите пријатели: