Од редари до политичко подземје

Од редари до политичко подземје
Основното јавно обвинителство ќе постапува по случајот со заканите кон претседателот на Здружението на новинарите, Насер Селмани. Предметот е распореден кај јавен обвинител, потврдуваат од Обвинителството. Се очекува одговор дали во заканите што браќата Асани ги упатија по констатацијата на Селмани дека правната држава клекнала пред силеџиите, алудирајќи со приказната на полицајката и „пајакот“ пред ТЦ „Мавровска“, има елементи на кривично дело. Владата се огради од своја одговорност, имајќи предвид дека станува збор за висок функционер на ДУИ, со објаснување дека Министерство за внатрешни работи си го завршило својот дел од задачата и оти сега сѐ е во рацете на Обвинителството. И вицепремиерот Бујар Османи им порача на институциите слободно да си ја вршат задачата бидејќи никој не бил заштитен.

Сепак, во сенката на декларативните изјави и охрабрувања што доаѓаат од партиските првенци, се крие неспорната вистина дека секој политички естаблишмент има своја криминална придружба, задолжена да ги врши валканите работи својствени за секој центар на моќ. Карактеристично за нив е што се заштитени и при смена на власта, а единствената опасност им се соперничките групи, односно директната пресметка со нив, а не реагирањето на правната држава.

На почетокот од самостојноста таквиот паралелизам во партиите не беше толку раширен од две причини: прво, новоформираните партии не ни знаеја како да се однесуваат, а второ, подземјето не беше толку организирано. Но потребни беа само две-три години земање искуство од Србија и од Бугарија, па ситуацијата драстично се измени. Веќе во 1994 година преку познатиот инцидент во дискотеката 'Хард рок' го имаме првиот случај на политичко-криминална поврзаност, кој, патем, не е расчистен до ден-денеска, а башибозукот продолжи во сите изминати години. Се сеќавате дека не толку одамна имавме неколку ситуации во кои најблиски обезбедувачи на власта предизвикуваа сообраќајни несреќи со трагичен епилог, а притоа не поминаа ниту еден во затвор. Последните илустрации на сила што доаѓаат од т.н. 'чаирско крило' на партијата, која е коалициски партнер во Владата, се слика и прилика на политичката сцена кога силеџиите се чувствуваат недопирливо и тоа го манифестираат најотворено“, објаснуваат извори во политичко-безбедносните структури во земјава.

Според нив, подемот на подземјето до високите политички структури започнува навидум наивно кога партиите одржуваат собири, трибини или други настани во јавност, по што на партиите им е потребно обезбедување.

Тоа се претежно лица со криминално минато или што одлично ја познаваат 'улицата' и затоа не мора задолжително да бидат боксери или каратисти. На тој начин, малку по малку, тие започнуваат да се дружат со партиските раководства на локално и државно ниво. На лидерите им е во интерес покрај себе да имаат многубројна и моќна екипа, така и тие добиваат сила. 'Редарите' бргу се интегрираат, најпрво добиваат ситни задачи, на пример, да бараат и да земат пари во име на новите работодавачи, од типот 'ова ти е поздрав од претседателот' и слично... Но, проблемот е што почнаа да се добиваат вработување во полицијата и тоа на високи функции“, велат нашите соговорници.

Стекнувајќи огромна моќ, го разградуваат безбедносниот систем на земјата, имаат можност директно да влијаат во процесите, настануваат паравојски, рекетот станува легален, државата почнува да работи за партијата.

Не е тоа толку опасна структура, државата може лесно да се справи со неа доколку сака, ама проблемот е што секоја нова власт си ги задржува за себе, оти тие не познаваат идеологија, туку само интерес. Ретки се тие што остануваат верни на партијата и што никогаш не би работеле за 'другите'“, посочуваат политичко-безбедносни извори за „Независен весник“.

Тие нагласуваат дека една од причините што политичарите седнуваат во скутот на криминалните структури е што тие го немаат научено „школото на улицата“, за разлика, на пример, од бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој бил обезбедувач и кој одлично знае да се справи со сличните на него.

Горан Адамовски

Споделување со вашите пријатели: