Амди Бајрам пред нов прелет во владино јато

Амди Бајрам пред нов прелет во владино јато
Амди Бајрам влезе во овој собраниски состав како пратеник со најмногу мандати, а сега е на пат да ја освои и „титулата“ политичар со најмногу прелети од СДСМ во ВМРО-ДПМНЕ и обратно. Тој објави деновиве дека ја напушта пратеничката група на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, од каде што во последните неколку мандати беше избиран за пратеник, и дека во наредниот период ќе дејствува самостојно - како претставник на Сојузот на Ромите на Македонија.

Почнувајќи од 1994 година, тогаш како член на ПЦЕР, Бајрам учествуваше во сите парламентарни гарнитури досега. Исклучок е периодот кога, како што вели, бил спречен да се кандидира за пратеник поради „голот со пета“, алудирајќи на неговата изјава насочена контра поранешниот премиер Бранко Црвенковски, со која му се потсмеваше што не успеа да направи ново парламентарно мнозинство со Демократската алтернатива во 2000 година. Тоа што, според Бајрам, била причината што подоцна беше осуден на четири години затвор за злоупотреба на службената положба во случајот со фабриката „Македонка“.

Првите два пратенички мандати, Бајрам ги доби како коалициски партнер на СДСМ. На парламентарните избори во далечната 1998 година, тој се „прослави“ со изјавата дека Црвенковски ќе освои победа со 102 отсто, со која, веројатно, сакаше да демонстрира приврзаност кон тогашниот премиер, за потоа да му го сврти грбот кога замина во опозиција. Пред точно пет години, Бајрам му го покажа и средниот прст на Црвенковски, кој протестираше со своите приврзаници пред парламентот од каде што беа брутално исфрлени пратениците на СДСМ за време на носењето на буџетот за 2013 година. Меѓу протестантите на тогашната опозиција беше и актуелниот премиер Зоран Заев, со кого Бајрам сака сега да соработува.

По повеќегодишно отворено дружење со претходниот премиер Никола Груевски и со луѓето од неговото најтесно опкружување, како Сашо Мијалков од УБК или обвинителот Марко Зврлевски, на Бајрам сега не му претставува проблем да фати приклучок и кон најновата владејачка гарнитура.

„Кажав дека сум отворен за соработка – со СДСМ или со ДУИ. Ќе соработувам со онаа партија за која ќе проценам дека може да понуди најмногу за остварување на правата на Ромите“, ни изјави Бајрам.

Тој вели дека засега нема конкретна понуда за соработка со партиите од владејачката гарнитура, но дека решил да излезе од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ поради тоа што смета дека таа партија нема иднина по заминувањето на Никола Груевски од кормилото.

„Да беше избран за лидер Антонијо Милошоски или Трајко Вељаноски, јас ќе останев со ВМРО-ДПМНЕ. Милошоски дури и подобро од Груевски ја разбира политиката, а Вељаноски со години беше претседател на парламентот и знае како одат работите. Таа партија нема иднина со некојси Христијан Мицкоски“, вели Бајрам.

И покрај неговите мошне скромни постигнувања за правата на Ромите како нивен политички застапник и за општината Шуто Оризари која ја претставува, Бајрам ќе остане запаметен како контроверзен и несекојдневен лик во македонската политика, пред сѐ поради невкусните изјави, најчесто насочени кон функционери на СДСМ – од типот: „јас сум кока-кола за него“ или „на зајко ќе му дадам морков“...

Овој пат Бајрам има забелешки и за соработката со ВМРО-ДПМНЕ во периодот по губењето на власта.

„Ние сме коалициски партнери, заедно одевме на избори, а со месеци никој не нѐ викна да не информира и искоординира за тоа како да дејствуваме. Не ни кажаа ниту дека подготвуваат конгрес и дека ќе се избира нов лидер. Со таков однос сите други помали партии ќе ја напуштат коалицијата во наредниот период“, објаснува Бајрам.

Неговото одлепување од ВМРО-ДПМНЕ се случува во период на големи раздвижувања во парламентот, кога мнозинството предводено од СДСМ и ДУИ собира кворум за поддршка на важни регулативи за кои е потребен поширок консензус. Во услови кога „Алијансата за Албанците“ се колеба околу останување во коалицијата на власт, на СДСМ и на ДУИ им е потребен секој глас за обезбедување апсолутно мнозинство. Во тој контекст, се гледа и на неодамнешното заминување на пратеникот Чедомир Саздовски од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Саздовски, кој беше своевремено локален функционер на СДСМ, во два мандата беше избран за пратеник од листа на ВМРО-ДПМНЕ, а како кадар на ГРОМ на Стевчо Јакимовски. Тој веќе извесно време настапува како независен пратеник и притоа ги гласа владините закони.

Не се исклучува можноста овој пример да го следи и вториот пратеник на ГРОМ, Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци од редовите на СДСМ. Тој во изминатиот период е постојано присутен во парламентот, наспроти „тивкиот бојкот“ на ВМРО-ДПМНЕ.

„Присуството во Собрание не значи дека сум ја напуштил коалицијата 'За подобра Македонија'“, напиша неодамна Минов на Фејсбук, како реакција на шушкањата дека и тој преминува во владејачкиот табор. (А.М.М.)

Споделување со вашите пријатели: