Милионите што треба да ги врати Камчев се пресметани


Орце Камчев од неодамна е на црната листа на САД

Обвинителката од Специјалното јавно обвинителство Лиле Стефанова, која стана еден од клучните сведоци и од чиј исказ во Обвинителството за гонење организиран криминал, најверојатно ќе зависи и текот на истрагата за рекетираните или понудени милиони, пресметала колку штета направиле и колку пари треба да ѝ платат на државата обвинетите во „Империја“ на чело со бизнисменот Орце Камчев. Сето ова е напишано во писмениот извештај на обвинителката што го води „Империја“, а Стефанова ова го кажала и во исказот во Обвинителството, но не и на јавноста.

Последните официјални информации од Специјалното јавно обвинителство, објавени непосредно по отворањето на истрагата „Империја“, се дека осомничените ја оштетиле државата за над шест милиони евра и дека испрале речиси 11 милиони евра преку офшор-компании. Јанева планирала да се спогоди со Камчев и тој да ја плати само штетата кон државата, а да не оди во затвор. Откако Стефанова пресметала колку пари треба да врати Камчев, ѝ рекла дека е многу рано за предметот да се прави некаква спогодба. Бизнисменот кој сега е сведок жртва, се пожалил кај премиерот Зоран Заев и во Обвинителството.

Во аудиоснимките што ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“ се споменуваат фирмите „Фершпед“ и „Бетон Штип“, фирми кои заедно „Ексико“ и „Финзи“ се дел од истрагата за случајот „Империја“.

Според истрагата што ја објавија од СЈО, преку продажбата на „Бетон Штип“ и продажбата на акции во „Фершпед“ биле испрани 8 милиони евра, односно најголем дел од парите. Но Камчев на сега осомничениот Бојан Јовановски му раскажува друга приказна. Се смее на тврдењата на СЈО дека тој и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, направиле измама со продажбата на акциите на Кираца Трајковска во „Фершпед“ и тврди дека тој не зел ни денар, знаејќи дека тоа се снима на камерите.

„Тие зборуваат за Кираца. Смешна работа. Еден и еден е два, школски. Башка Штерјо и Сашо тука ја играат другата улога. На крајот кој е добитникот – Штерјо“, вели Камчев во еден од разговорите со Јовановски.

„Пази, а кој ги зема парите од ‘Бетон Штип’. Јас не земав фенинг. Четири милиони, јас фенинг немам земено“, додава Камчев.

Кога СЈО ја разработуваше шемата за перење пари тврдеше дека Камчев бил мозокот на операцијата и краен сопственик на фирмите „Ексико“ и „Финзи“, а Мијалков бил моќникот.

Колку пари требало да плати Камчев за да ја покрие штетата на државата не кажуваат ниту од Специјалното јавно обвинителство, од каде што откако пукна аферата протекуваат само неофицијални информации, но на официјалните прашања на новинарите нема кој да одговори. Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и прес-службата велат дека покана за распит Јанева не добила, но неофицијални извори тврдат дека обвинителката Вилма Русковска веќе и пратила покана на својата „специјална“ колешка и треба да се видат во вторник.

Поканата од Русковска била кулминација на напнатата атмосфера во институцијата. Јанева дала наредба да биде претресен секој што ќе влезе и ќе излезе од Специјалното јавно обвинителство. Проверувани биле и јавните обвинители, односно сите без исклучок. На колегиумот во понеделникот, кога Јанева се врати од одмор и кога се соочи со своите колеги, им испратила закана дека нејзиното пропаѓање ќе ги повлече сите обвинители.

Вчера во Обвинителството за организиран криминал и корупција исказ даде шефицата на кабинетот на Јанева, но оттаму веќе нема никакви информации за аферата „Рекет“. Досега во Обвинителството за организиран криминал и корупција исказ даде обвинителката Елизабета Јосифовска, која по налог на Јанева го потпишала решението да му биде вратен пасошот на Камчев. Денеска во Обвинителството исказ треба да даде и обвинителот Бурим Рустеми кој го води случајот „Поштенска банка“. Во овој случај наводно Јанева не дозволила да биде замрзнат еден од становите, а потоа истиот стан по пониска цена го купил нејзиниот близок пријател Сашо Василевски. Тој беше директор на МЕПСО, но беше сменет непосредно пред отворањето на аферата.

Истрагата „Империја“ требаше да докаже дека во државата нема недопирливи и на брифингот за овој случај беше испратена порака дека ако Мијалков и Камчев не одговараат, нема правна држава. Сепак, овој случај го разниша СЈО, а институцијата падна на колена откако беше уапсен неформалниот сопственик на 1ТВ, Бојан Јовановски, заедно со Зоран Милески-Кичеец, а Јанева неочекувано даде оставка и нејзиниот глас се слушна во валканите договори со Јовановски и Камчев.

Фросина Факова-Серафиновиќ