Мицкоски ветува судења за шест месеци за вмешаните во криминал и корупција


Гласајте  за историски најголема победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, порача вечерва од Кавадарци Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

-Петнаесетти јули е денот кога масовно и гласно позади гласачкиот параван треба да зборуваме, да викаме од нашите грла најсилно што може, заокружувајќи го бројот 14 за историски најголема победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за обнова на Македонија, рече Мицкоски.

Говорејќи пред присутните, тој меѓу другото се осврна и на тагата кај луѓето на кои блиски им заминале, а тие изгубиле верба во политичарите и системот.

– Ние ги убедуваме дека не се сите исти и дека најдоброто допрва доаѓа, нагласи Мицкоски.

Тој порача дека правда и почитување на законите мора да има. Македонскиот јазик, нагласи, не е предмет за преговарање.

– Еве што ние ќе направиме кога ќе ја предводиме владата. Ние нема да чекаме три години. Ветувам дека ние во првите шест месеци, секаде каде што има основа за сторени криминал и корупција, ќе се одговара, порача Мицкоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа во изборна единица 4, Александар  Николоски рече дека успеале да се изборат за здравствени протоколи за безбедно гласање. Повика на масовно гласање, за да може по изборите,,да започне обновата”. Нагласи дека овие избори се пресудни. Изрази увереност во голема победа и голем успех во сите сфери на животот во иднина.

-За да спасат колку можат од нечија кариера, инсистираа на избори среде пандемија, но работите на терен кажуваат дека ќе ги губат изборите. Кавадарци е бастион на ВМРО-ДПМНЕ и тоа ќе се докаже, рече Слободан Ивановски, кандидат за пратеник од Кавадарци.

Зоран Јованчев, претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и кандидат за пратеник, рече дека носителот на листа во четвртата изборна единица, Александар Николоски, ,,на гостински терен убедливо ќе го победи Зоран Заев на изборите”.