Мицкоски: Нема да има политичка каста над народот


Денес претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со Александар Николоски, носител на Изборна единица 4 ја посетија Демир Капија и остварија средба со мештаните. Мицкоски при своето обраќање посочи дека во првите 6 месеци од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ ќе се стави крај на криминалот кој што го донесе СДСМ. Сите кои што се огрешиле пред законот ќе одговараат пред словото на правдата.

Мицкоски додаде дека е важно на 15 јули сите масовно да излезат на избори и да се поддржи победничката листа, листата која што ја предводи Александар Николоски со реден број 14, затоа што само така може оваа пандемија која што е предизвикана од раководството на СДСМ и СДСМ да се порази.„Оној слоган кој што го слушаме деновиве, а тоа е ‘Можеме’, јас повеќе би рекол ‘Можевме’. Зошто можеа, затоа што имаа три години сето она кое што го ветуваа и во таа 2016-та година, а потоа и на локалните избори во 2017-тата, па подоцна и ан претседателските избори во 2019-тата година да го реализираат. Но за жал не успеаја во тоа што го ветуваа и затоа ние на 15-ти јули треба да им кажеме ‘Можевте’, а сега ќе можете од опозиција да учите и да гледате како се работи и како се сака сопствената држава“, рече Мицкоски.

Тој порача на граѓаните да бидат спокојни бидејќи најдобрите години допрва доаѓаат, Македонија ќе се исправи. Македонија ќе биде пример на Балканот како треба да изгледа една држава со ред, чест и достоинство.