Мала луксузна населба се гради во Сарај – вили со базени, хотел, ресторани, спа-центри


На 150.000 метри квадратни, во близина на Скопје, во Општина Сарај, се градат 142 луксузни вили со базени, широки дворови и огромен парк во близина.

Реализацијата на оваа елитна населба наречена комплекс „Планет“’ почна во ноември лани, со изградба на пристапен пат.

Денеска, таму присуствуваат премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери, лидерот на Демократска унија за интеграција Али Ахмети, градоначалниците на Град Скопје и на Општина Сарај, Петре Шилегов и Блерим Беџети и инвеститорите Валдета Касапи, Самет Мислиу и Џемил Шабани.

На Фејсбук страницата на комплексот, стои дека работите почнале во ноември лани, со план првите 32 куќи да бидат готови до пролетта оваа година.

Во првата фаза од изградбата беше отворен патот и ќе продолжи со планирање на градежното земјиште, веднаш со изградбата на првите 32 куќи, објавуваат инвеститорите.

– Работите ќе бидат интензивни во оваа фаза, така што на пролет ќе ги имаме првите завршени домови. Домовите ќе бидат квалитетни, модерни и ќе овозможат релаксирачка удобност со панорамски поглед на прекрасната околина. Сонот за луксузен дом сега ќе биде реалност во комплексот „Планет“ – стои во објавата на Фејсбук.

Во населбата се планирани шест различни типови куќи, според потребите на купувачите, ќе има дополнително 400 паркинг места, а во близина најавуваат парк од 5.000 метри квадратни кој ќе служи на сите граѓани, а во склоп на комплексот планирана е изградба на хотел и фитнес и спа-центар.

Во населбата се нуди високо ниво на безбедност од специјализирани служби како и следење 24 часа, преку сигурносните камери, вез нарушување на вашата приватност.
Се нудат и додатни здравствени услуги, најсофистицирани во регионот, кои ќе бидат на услуга 24/7. Здравствената услуга вклучува: стоматологија, интерна медицина, општа медицина.

Во комплексот се планира да има детски игралишта, спортски терени, интернет, маркет, ресторани со традиционална кујна, а постои можност и за пошта, банка, библиотека и книжарница, крадинка, надворешен амфитеатар, хелиодром, и друго.

Населбата е сместена во Општна Сарај меѓу селата Љубин и Арнакија. (Б.Б.)