Каролина прв пат запеа по карантинот: „Македонско девојче“ со Медуњанин на Хераклеа (видео)


Босанската ѕвезда на севдахот Амира Медуњанин одржа прекрасен концерт во античкиот локалитет Хераклеа во Битола.
Вечерта стана совршена кога на сцената се појави македонското девојче. Како изненадување, 48-годишната Амира ја покани нашата поп-ѕвезда Гочева на сцената и заедно ја изведоа „Македонско девојче“.

Хераклеа и беше загревање на Медуњанин, пред ексклузивниот концерт на 9 август во Античкиот театар во Охрид, во организација на „Авалон“.

Амира Медуњанин е една од најактивните промотори на музичкото наследство на Босна и Херцеговина. Нејзината богата дискографија која ја издава во соработка со познати светски издавачки куќи постојано добива одлични музички критики, додека музичкиот новинар Гарт Картрајт ја нарече босанската Били Холидеј, алудирајќи на начинот на кој Амира си „игра“ со севдахот, пронаоѓајќи нов контекст и форма во традицијата стара повеќе од сто години.

Неодамна излезе и нејзиниот најнов студиски албум со наслов „For Him and for Her“ во издание на Кроација Рекордс, посветен на двете легенди на кафеанската музика Тома Здравковиќ и Силвана Арменулиќ, кој за брзо време стана апсолутен хит на дигиталните платформи, а и во Охрид ѝ беше премиерно претставен пред публиката со неколку нумери.

Утревечер на Хераклеа е настапот на Дарко Рундек, а на Жељко Бебек- 22 август, во 21 часот.