Јужна Америка – дел од светот најтешко погоден од Ковид-19


Бразил– Епидемијата на Ковид-19 продолжува да се шири низ целиот свет, а Јужна Америка и Карибите поминаа најлошо, бидејќи бројот на смртни случаи вчера во регионот го надмина вкупниот број на жртви од инфекција со коронавирус во Европа.

Пандемијата однесе повеќе од 715.000 животи, заразувајќи над 19 милиони луѓе на планетата откако канцеларијата на Светската здравствена организација во Кина ја пријавила оваа болест кон крајот на декември.

Најголем број на жртви имаат Јужна Америка и Карибите: најмалку 213.120, следува Европа со 212.660 смртни случаи, со податоци од вчера.

Во изминатите седум дена, речиси секој втор смртен случај од Ковид-19 во светот (44 проценти) се случи во Јужна Америка. Тој дел од светот е исто така со најголем број заразени (повеќе од 5,3 милиони), претежно во Бразил, кој вчера се приближи до 100.000 смртни случаи од 2,9 милиони заразени.

Во таа земја, официјалните податоци за жртвите се „шест до седум пати помалку од реалните“, рече Домингос Алвес, бразилски статистичар кој е специјализиран за пандемија.

Претседателот Жаир Болсонаро, кој уште од почетокот тврдеше дека тоа е „грип“, како што тој ја нарекува болест, вчера рече дека неговата „совест е чиста“ што се однесува до неговото управување со кризата.

Мексико стана трета земја во светот по бројот на заразени и жртви, надминувајќи го бројот 50.000 мртви (50.517), со 462.690 потврдени случаи, многу повеќе отколку што предвидуваше владата на претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор,која е цел на остри критики.

Колумбија, каде што вирусот се појави во почетокот на март, има повеќе од 12.000 смртни случаи до вчера.

Во Куба, која пријави најголем број заразени лица во еден ден за три месеци, властите вчера повторно го ограничија движењето на автомобили и луѓе во Хавана.